| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар импресивен, Барселона спасуваше бод во Скопје (29-29)

Ракометарите на Вардар одиграа импресивен меч против Барселона, веројатно еден од најдобрите во историјата на клубот, а на крајот одигра нерешено 29-29, во прекрасна атмосфера во салата „Борис Трајковски“. „Црвено-црните“ иако беа аутсајдери против најтрофејниот свестски ракометен клуб, можеа и да победат, бидејќи го имаа последниот напад за освојување на трите бода. Сепак Барселона се одбрани, Дибиров не успеа навреме да упати удар и мечот заврши со поделба на бодовите.

А, по првиот дел воопшто не наликуваше дека ќе има драма. Барселона на одмор замина со 4 гола предност 19-15 и се чинеше дека ќе слави во Скопје. Вардар не се уплаши, напротив одигра импресивно, машки, ракометарите во „црвено-црни“ дресови“ летаа на паркетот, а ги предводеа Дибиров и Карачиќ со по 8 гола.

Јуначки голот на Вардар го бранеа и Страхиња Милиќ, популарно наречен Џамбо и новиот миленик на вардаровите симпатизери, Ињаки Малумбрес. Нему допрва ќе треба да му смислат прекар, а Шпанецот ги заслужи овациите, бидејќи бранеше фантастично и им даде полет на соиграчите да се освои голем бод.

Кај Барселона најефикасен со 8 гола беше Рутенка, а нашиот репрезентативец Кирил Лазаров постигна 4 погодоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top