Џонатан Соријано одамна ги освои срцата на навивачите на австрискиот фудбалски клуб Ред Бул Салцбург, а и вечерва со хет-трик против Елфсборг потврди дека е екстра-квалитетен напаѓач.
Шпанскиот интернационалец што ја има минато младинската Академија на Барселона беше немилосрден и 3 пати ја затресе мрежата на Стур Елегард, во победата на неговиот тим од 4-0 во стартното коло од Европа Лигата.
„Тој е нашиот тореадор, што секогаш знае да ја погоди целта. Миленик е на навивачите на Салцбург уште од самиот почеток, а особено ги освои срцата со гестот во април. Тоа што го стори против Волфсбергер не се се заборава“, вели Флоријан, еден од најверните навивачи на тимот од Салцбург.
Што стори 27-годишниот Џонатан Соријано во април годинава и зошто е миленик на симпатизерите на Ред Бул Салцбург?
На денот на породувањето на својата сопруга Кристина, шпанскиот ас беше во болница за да го прослави доаѓањето на овој свет на својата ќерка Абрил, третото дете во семејството. Истовремено Салцбург играше со Волфсбергер, или како што скратено го нарекуваат Австријците ВАЦ. Соријано не сака да го пропушти радосниот момент и раѓањето на Абрил, но и сака да игра за Салцбург, а двете работи е невозможно да се спојат. Се случуваат истовремено, но Џонатан сепак најде чаре. Абрил стаса навреме, девојчето е живо и здраво, а Соријано се јави во клубот. Пораката е дека сака да игра во второто полувреме, ако со тоа се согласи тренерот на Ред Бул.
Салцбург нема предност по 45 минути, резултатот против аутсајдерот ВАЦ е 2-2, но тука е популарниот Џони. Неговото пристигнување на стадионот беше бурно поздравено од публиката. Навивачите знаат да го ценат гестот, но тоа што го стори Соријано за само 45 минути не се заборава. Шпанецот приреди вистинска фешта и за само едно полувреме постигна хет-трик, а Салцбург победи со 6-2.
Вечерва против Елфсборг, напаѓачот повторно беше во елемент и со три гола му донесе победа на својот тим и радост за навивачите на Ред Салцбург.
„Вечерва Џони не потсети на деновите од април и головите од натпреварот со Волфсбергер. Во вакви моменти е прекрасно да сте навивач на Салцбург и да имате човек и фудбалер каков што е Соријано“, додава Флоријан.
Со новиот хет-трик Соријано стаса до бројката од 40 погодоци за австрискиот тим за само две години колку што е член на Ред Бул Салцбург. Патем тој е првиот фудбалер во новиот циклус од Европа Лигата што постигнал три гола на еден натпревар.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


