Кои се актерите кои ја одбележаа 2012 година? Успешна година во филмот, успешна година за актерите. Одвоивме пет aктери и пет актерки кои имаат најголем успех минатата година. Се раководевме по големи улоги што ги оствариле, награди за тие улоги и за проектите на кои работеле, успехот надвор од границите на Македонија.
Висар Вишка
Фановите на Фејсбук страницата на Република на крајот на 2012 година имаа можност да гласаат кој е најдобриот актер и која е најдобрата актерка од листите кои ние ги објавивме. Го избраа Висар Вишка за најдобар актер во годината што измина. Актерот Висар Вишка објави видео, микс од неговите филмски улоги кое покажува само една од причините поради кое го одбравме да биде меѓу петте најдобри.
Откако се сврши со водителката Елена Митева, Висар Вишка се појави на престижниот филмски фестивал во Монтреал. Филмот „Шангај џипси“ во кој игра главна улога, ја доби наградата за сценарио во официјалната конкуренција. Во словенечкиот филм Висар ја игра главната улога, Лутвија Белмондо Мирга, цигански „крал“, кој решава да направи свое циганско село, кое го именува Шангај. Токму со овој филм почна годинашното издание на Фестивалот на европски филм „Синадејс 2012“, а имаше премиера и во Љубљана, Марибор и во Сараево. На театарската сцена се појави во последното театарско остварување на режисерот Владо Цветановски, „Животот е сон“. Во очекување е на премиерите на проектите – анимиран и краток филм, кои ги работел со неговиот пријател Гоце Цветановски.
– Многу ми е драго што по толку години заиграв на сцената на МНТ како актер вработен во оваа куќа, во претставата на Владо Цветановски, кој, за жал, прерано замина. Посебно ми е драго што со него го имав и првиот проект на сцената на Драмски театар пред 15 години. Најголема работа што ми се случила во животот е премиерата на најскапиот словенечки филм „Шангај џипси“ во кој играм главна улога. Бев на еден од најголемите светски филмски фестивали во Монтреал и бев пресреќен што тој филм влезе во конкуренција за награда. Тоа што добивме една од тие награди покажа дека со љубов и истрајност во работата може да се достигнат секакви врвови – вели Вишка.
Дејан Лилиќ
Тој е актерот што лани ја претстави Македонија на црвениот килим во Венеција со неговата одлична игра во рускиот филм „Измена“. Режисерот на филмот во кој главната улога ја толкува токму македонскиот актер, изјави дека Лилиќ е вистинскиот избор. Филмот беше номиниран за наградата „Златен лав“, а имаше и одлична премиера во Русија. И, секако, Лилиќ повторно се најде како една од главните ѕвезди на црвениот килим. Следува уште еден успех поврзан со Русија. Во рамките на „Охридско лето“ го играше Ромео во „Ромео и Јулија“, македонско-руска претстава, а беше одиграна и во театарот „Вера Комесаржевскаја“ во Санкт Петербург. Салата беше претесна да ги собере сите тие што сакаа да ја видат претставата. Коментарите беа дека Лилиќ е најдобриот Ромео што го виделе Русите. На домашната сцена го видовме и во претставата „Генетика на кучињата“, а за неговата одлична актерска игра говори наградата „Војдан Чернодрински“ за најдобра епизодна улога. Имаше и гостувања со „Хамлет“ на денови на македонската култура во Марибор и Лече и во Киев со „Александар“, од каде што пристигнуваа позитивни коментари за актерската екипа предводена токму од него. Притоа во ниту еден момент не го запостави менаџирањето на театарската куќа во која е директор –МНТ. Се појави и во два дела од „Скопје ремикс“.
-Сѐ уште имам да живеам, сѐ уште се чувствувам млад, сѐ уште имам што да и дадам и подарам на публиката. Затоа не сметам дека 2012 е најуспешната година во мојата кариера, но дефинитивно е плодна и успешна година. Тоа што ми се случуваше во 2012 година не значи дека е врвот во мојата кариера. Некогаш договорите и контактите направени оваа година можат да донесат многу во наредните две-три години кои ќе те остварат и како актер и како менаџер, и како човек. Во 2012 година се случија многу работи, многу работи научив, осознав и созреав како човек. Учејќи ги работите треба дозволиш да осозрееш – вели Лилиќ.
Тој не одвои ниту една од овие работи кои му се случија во годината која изминува. Вели, драго ми е што видов кои ми се вистинските пријатели и во добро и во зло.
Никола Ристановски
„Зверињак“ (Ѕверилник), „Балканот не е мртов“,„ Животот на Молиер, „Одисеј“ – ова се дел од причините што Никола Ристановски влезе во листата на најуспешни актери во 2012 година. Ги собра наградите на домашните фестивали „Ристо Шишков“ и „Војдан Чернодрински“ за улогата на Молиер во претставата „Животот на Молиер“. Филмскиот фестивал во Ниш му додели специјално признание за најдобар странски актер за улогата во српскиот филм „Ѕверилник“, кој македонската публика имаше можност да го види во рамките на фестивалот „Синадејс“. Публиката на „Браќа Манаки“ премиерно го виде филмот „Балканот не е мртов“. Дел е од најголемиот копродукциски проект во регионов, театарската претставата „Одисеј“ во режија на Александар Поповски, по текст на Горан Стефановски.
Го прашавме актерот од МНТ што е тоа што му е најдраго од многуте работи што му се случија во 2012 година:
– Ќе бидам краток. Не случајно. Најважното нешто што му се случи на театарот оваа сезона е „Животот на Молиер“ и неговата трупа во МНТ… ете така, јас сосема субјективно гледам на некои важни работи оваа година. Неподносливо ми е мило што сум на мојата домашна сцена и што непогрешливо се разбираме со публиката. Сѐ друго е, сепак, само позлата.
Сашко Коцев
Му љубоморат поголем број од Македонците поради сцената во Охридско Езеро во која друштво му прави топ-моделката Катарина Ивановска. Ја имаше својата прва главна улога во еден од најгледаните македонски филмови „Трето полувреме“ на режисерот Дарко Митревски. Филмот со фудбалерот Коста, кој премиерата ја имаше во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а подоцна и во Скопје, е македонскиот кандидат за номинација за „Оскар“. Сашко се појавува на големите платна низ светот. Не губеше време, веднаш почна со снимање на новиот филм на Столе Попов, „До балчак“, кој би требало да ја има својата премиера годинава. Театарската сцена беше малку запоставена, не го видовме во некоја нова голема улога во неговата матична куќа МНТ, но го видовме во претставата „Фирма“ на независниот театар „Вондерленд“. Го гледавме како стендап-комичар, водител на „Златна бубамара“, а 2012 година освен на професионален план е негова година и на приватен план –запросување на девојката пред полна Универзална сала, свадба…
Сашко се согласува со нашата констатација дека 2012 е една од најуспешните години во неговата кариера.
– Слободно и одговорно можам да кажам –да! А, бидејќи професионалното често штети и одзема од приватното, многу сум среќен што го избегнав и ете успеси и среќни моменти имам и во приватниот живот – вели Сашко.
На прашањето што од тоа што му се случуваше му е најдраго, ни рече:
– Јас ја имам болеста на секој актер, па сите проекти ми се драги. Би ги издвоил само поголемите: премиера на една од подрагите претстави „Фирма“, уште една успешна „Златна бубамара“, четиримесечното снимање на филмот „До балчак“ на Столе Попов, кој ќе има премиера в година, премиерата на „Трето полувреме“, одличниот стендап-настап во Белград … и венчавката.
Актерот, кој за себе вели дека е многу самокритичен, се надева дека во 2013 година најефикасно и најбезболно ќе си ги исправи грешките од 2012 година.
Tони Михајловски
Филмски период за Тони Михајловски. 2012, веројатно, е неговата најплодна година во последниов период. По успешната игра во српскиот филм „Парада“, филмскиот фестивал во Ниш му додели награда за странски актер. „Парада“ ја имаше македонската премиера, а Михајловски го видовме во уште една филмска улога – во филмот на Дарко Митревски „Трето полувреме“. Снимаше со Столе Попов, моментно работи на филм со Драган Бјелогрлиќ , „Споменикот на Мајкл Џексон“, а во Битола снимаше турски серии. Работи и на нова театарска претстава со која се враќа во некогашната негова матична куќа МНТ.
Михајловски вели дека на секоја работа се радува еднакво колку што и се плаши од неа.
– Па, сепак, нескромно ќе кажам дека верификацијата на работите е најдрага. Наградата во Ниш за најдобар странски актер ми е најдрага од тоа што ми се случуваше годинава. А, најубаво ми беше на снимањата на сите овие проекти. Покрај сѐ, театарот е мојата најголема љубов и предизвик и тоа што најмногу го сакам ќе дојде во јануари в година – вели искусниот македонски актер.
Кои актерки влегоа во топ пет изборот на Република? Актерките и нивните успеси во 2012 година ќе бидат објавени утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Тони Михајловски: Нивниот бал под маски, заврши. Паднаа маските