Лионел Меси е најомилен фудбалер кај учесниците на ултра популарната „Fantasy“ во Лигата на шампионите, што ја организира УЕФА на нејзиниот сајт. Аргентинскиот ас учествува во 52 проценти од тимовите што ги составуваат учесниците во оваа бесплатна и мошне интересна игра.
Концептот е едноставен, Ви треба само да се регистрирате на „uefa.com“ и да составите тим по сопствен избор од 11 фудбалери во почетната постава и 4 резерви од 32-те екипи што настапуваат во групната фаза од ЛШ. Играта моментно ја играат околу 300 илјади луѓе од сите делови на планетата, а речиси е неверојатно што половината од нив го имаат Меси во тимот.
Втор зад него е Кристијано Роналдо со учество во 43,4 проценти од составите, што е податок за респект. И двајцата во премиерното коло апсолутно ја оправдаа довербата и со по 3 гола им донесоа многу поени на „фантазерите“ на УЕФА. Роналдо имаше и една асистенција и со одбранбениот играч на Баерн Минхен Алаба се најефикасни во првото коло со по 17 поени. Зад нив е Тијаго Мота со 15, а Меси е четврторангиран со 14 поени, како награда за хет-трикот.
УЕФА доделува и интересни награди за најдобрите „фантазери“во секое коло од Лигата на шампионите и за конечниот шампион, односно за најумешниот учесник кој ќе собере најмногу поени во вкупен збир на крајот од играта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


