| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео-сите голови од ЛШ) Кралска „шестка“ од Реал за Галатасарај, кикс на Јувентус во Копенхаген

Кралска „шестка“ од Реал за Галатасарај, рутински победи за тандемот од Манчестер, Јунајтед и Сити и неочекуваниот кикс на Јувентус во Копенхаген се белег на премиерниот ден од новата сезона во Лигата на шампионите.

Реал Мадрид одигра одлично во Истанбул и со шест гола ја наполни мрежата на Муслера и на домашниот Галатасарај. Кристијано Роналдо со хет-трик го прослави новиот договор со „кралевите“, кој го прави најплатен фудбалер на планетата со 17 милиони евра годишна заработка. Одличниот Иско ја најави голеадата во Истанбул со погодок во 33. минута, а потоа шоуто го продолжија Бензема со два гола и Роналдо со „тројка“. Почесниот гол за Галатасарај го постигна Булут во финишот на мечот.

Со два гола на Вејн Руни и по еден на Ван Перси и на Валенсија, Манчестер јунајтед го победи Баер Леверкузен со 4-2. Ролфс и Топрак погодија за гостите.

Вториот тим од Манчестер, Сити славеше со 3-0 во Чешка против Плзен. Џеко, Туре и Агеро за само 10 минути на стартот од второто полувреме ја наполнија мрежата на домашниот тим.

Со идентичен резултат актуелниот шампион Баерн ја почна одбраната на трофејот против ЦСКА од Москва. Алаба, Манџукиќ и Робен стрелаа прецизно за Баварците.

И Пари сен Жермен победи со 3 гола разлика, 4-1 во Атина против Олимпијакос, а Кавани, потоа Мота на двапати и Маркињос направија фудбалска фешта во Грција. Ибрахимовиќ промаши пенал за уште поубедлива победа на „светците“ од Париз. Словакот Вајс го постигна почесниот погодок за Олимпијакос.

Изненадувањето на првата ноќ во ЛШ ја приреди Копенхаген со ремито, 1-1, дома против Јувентус. Јоргенсен најави сензација со гол во првиот дел, Квалјарела израмни во вториот дел, а гостите од Торино се изнапромашуваа што ги чинеше победа. И претходно во меч од ЛШ Јувентус „падна“ на испитот во Копенхаген играјќи идентично 1-1.

Во останатите два дуели вечерва, Шахтар и Бенфика со по 2-0 ги победија Реал Сосиедад, односно Андерлехт.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top