Додека го чекавме Деан Шкартов во неговиот дуќан, каде што бевме договорени во тоа студено декемвриско утро за разговорот кој ќе следи и во кој ќе ни ја раскаже приказната за македонскиот рубин, влезе еден повозрасен човек. Се интересираше за произовдите, ама се гледа дека дошол „спремен“, па знаеше што да праша, знаеше да процени што му се допаѓа од понудениот избор, со еден збор имаше вкус.
– За сопругата одбирате подарок? – го прашав бидејќи го препознав. Своевремено беше доктор на женската ракометна репрезентација на Македонија.
– Не, за ќерката. Знаете, таа е докторка, и тоа врвна. И јас сум доктор, ама таа е подобра од мене. Еднаш веќе и подарив накит со македонски рубин. Многу и се допадна, па сега повторно има повод да и купам уште нешто – рече повозрасниот господин.
И додека со него разговаравме за последниот настап на македонските ракометарки на Европското првенство во Србија, ете го нашиот домаќин. Јас подготвена со податоци од колеги, тој уште од врата поподготвен да одговори на моите прашања. Овие денови е во пријатна бркотница, бидејќи го подготува новиот дуќан кој почнува да работи, во центарот на Скопје. Оваа година тој прославува десет години од постоњето, така што отварањето на втората јувелирница во која ќе се продава накит изработен во филигран, во злато и во сребро, збогатен со македонски рубин и амазонит, го прави посебно горд.
Шкартов е Македонецот кој во 2008 го заштити името македонски рубин како посебна марка, а амазонитот е вториот македонски камен кој треба да биде исто така претпознатлив национален скапоцен камен од Македонија.
– Во деведесетите години, додека бев во Италија и и работев со полудраги камења, некои од моите братучеди од Кавадарци ми спомнаа дека во Македонија има рубини. Прво помислив дека е тоа лапсус. По десет години работа во Италија се вратив дома и го отворив дуќанчето во 2002 година. Беше многу беше атрактивно. Тогаш во ек беше кампањата за купување македонски производи. Во дуќанот ги имав најважните минерали од сите светски наоѓалишта, но немав од Македонија, а купувачите бараа нешто македонско. Во разговорите со ретки поединци кои имаат познавање за минералите дојдов по првите парчиња рубин. Секаде каде патував ги носев со себе на тестови и анализи. Ми кажаа дека не е највисок квалитет, ама е природен рубин. Јас се фасцинирав – ја почнува приказната Шкартов.
Првите парчињата необработен рубин од прилепската околина тој ги однел во Италија и тамошните јувелири му потврдиле дека станува збор за рубин. Првата визија била да се направи лабораторија во која може да се обработува македонскиот рубин.
– Ги искористив врските од Италија кои ги имав. Таму работев за еден од најголемите колекционери на природни камења Примо Ровис и тие контакти ми помогнаа да профилираме една убава работилница и лабораторија и таму да почнеме да го вежбаме обработувањето. Првата година неколку парчиња обработивме во Италија. Од 2005 година да ги работиме во Скопје, а од 2006 година објавивме дека работиме со македонски рубин. Тогаш почнува јавната промоција по саеми. Во 2008 година го заштитивме името македонски рубин како марка. Две години порано имавме нарачка за прстен за сопругата на еден јапонски диполомат. Тој прстен беше изложен на базарот на ракотворби и беше прогласен за најдобар производ – обајснува Шкартов.
Македонскиот рубин и филигран – бесценето!
Комбинацијата рачно изработен накит од висококвалитетно сребро и злато во кој е вметнат македонски рубин е безвременска, бесценета! Македонски рубин ставен во филигран е преубав. Рачната изработка по дефиницја не е толку совршена, не е компјутерска, ама има душа. Во Македонија има одлично квалификувана работна сила, а правењето филигран е наша вековна традиција за која странците мислат дека е цртан во компјутерската програма „AutoCad“. Има нов бран на млади филигрнисти кои се обучуваат последните 6-7 години, како дел од проектот на занаетчиската комора на Македонија. Но, она што е уште поважно е тоа што треба да им се оддаде благодарност на старите мајстори, кои го сочуваа овој занает и на свој грб го имаат пренесено занаетчиството, да живее.
Шкратов го обработува рубинот заедно со уште еден вработен, а неколку филигрнисти и стари мајстори го работат накитот, меѓу кои и Ивана Стојановска, Тања Стојанова, мајстор Коља, Митко и Владо Гава- еден од највисоко квалитетните мајстори кај нас. Секој филигрански производ се издигнува на многу повисоко ниво кога ќе му се вгради камен.
– Филигранот има уметничка вредност и вредност на изработката. Во новиот простор ќе има и скапи примероци, но и накит кој може секој да си го дозволи. Дел од таа клиентела што ги троши парите надовр за скап брендиран накит, може и тука да ги троши. Тоа е една една од концепциите. Но, сметаме дека македонскиот рубин почнува да станува статусен симбол. Не е битно каква боја има, колку е голем, како е изработен, битно е да имаме македонски рубин. Од самиот почеток имавме по некоја ВИП личност и по некој обичен муштерија. Тука се надзира новиот производ на Македонија кој е елитен, претставителен, и кој речиси и да нема конкуренција, барем на пазарот на накит – смета Шкартов.
Новиот дуќан на местото на првата бижутерија во Скопје
Повозрасните скопјани паметат дека во градот имаше неколку продавнички за накит меѓу кои и „Скарабеј“ и „Ателје 5“ кои веќе не постојат. Новиот простор каде што ќе се продава накит со македонски рубин е можеби најстарата продавница за бижутерија во центарот на градот. Сега тие ќе се надоврзат на традицијата.
– Концепцијата на голем, ексклузивен дуќан е глумење сила. Македонија е мала земја со самоодржлива економија. По десет години службување во Италија јас се вратив во Македонија. Кога ќе достигнеш едно ниво, кога имаш пристојна егзистенција, се појавува прашањето за тоа која е твојата мисија во животот. Кога се вратив размислував дали да одам во некоја трета земја. Мојата златна Македонија ми се виде како една напуштена градина во која има многу да се работи – вели Шкартов.
Македонски рубин – моќниот зрак на нашето срце
Македонскиот рубин претставува ендемичен вариетет на минералот Корунд од кој потекнуваат познатите скапоцени камења рубин и сафир. Плени со својата нежна малино-розева боја, симбол на љубовта и простувањето. Има тврдина „9“ и доаѓа веднаш по дијамантот, кој е најтврдиот природен минерал кој има тврдина „10“. Поради тоа се обработува исклучително рачно. Во Македонија се наоѓа најпознатото европско лежалиште чии примероци се изложени во музеите во Лондон и во Берлин.
Рубинот е еден од најчесто имитираните синтетички камења, бидејќи е многу скап и полесно изводлив синтетички, отколку дијамантот. Синтетички рубини има стотина година.
Македонскиот рубин е позициониран во економичната класа на вистински природни рубини. Тој е од прилепскиот регион. Неговата обработка е многу тешка, бидејќи е многу тврд минерал. Неговата најважна употреба е јувелирска. Зелениот камен амазонитот е вториот македонски камен.
Рубинот, од било кој квалитет да е како вид на минерал влегува во елитната, најпознатата група на камења. Во светот на скалата на важност прв е дијамнатот, а по него доаѓаат рубин, сафир и смарагд. Оваа табела не е по вредност, туку по „фама“.
Рубинот го добија Папата Бенедикт, Кетрин Денев, емирот од Катар…
Филмската дива Кетрин Денев е последната во редот славни лица кои го добиле на подарок македонскиот рубин. Освен годинешната добитничка на специјалната награда „Златна камера 300“, македонски рубин доби и холивудската ѕвезда Дерил Хана која исто така беше гостинка на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, потоа принцезата Рани Атика од Пакистен која добила на подарок цвет од сребрен филигран со македонски рубин и амазонит. Оние кои го виделе големиот медалјон наменет за емирот од Катар велат дека е е еден од најексклузивните примероци, направен од осум мазно обработени и еден посебно обработен македонски рубин со врвен квалитет од околу 15 до 18 карати тежина и со осум амазонити. Многу се пишуваше и за крстот изработен за Папата Бенедикт 16, направен во 18 каратно злато и македонски рубин, дело на златарот Владо Гава.
Соработка со Иванов, Канчевска-Милевска, Арифи
Шкартов соработува со официјалните државни институции за кои изработува подароци во кои е вграден македонскиот рубин. Интересена е приказната за почетокот на соработката со претседателот Ѓорге Иванов. Со него се сретнал во 2010 година, на скопскиот џез-фестивал.
– Кабинетот на претседателот има спектар на производи кои вообичаено ги подарува на своите гости. По првиот контакт на џез-фестивалот, експресно реагираше. Тој веќе имал сознанија дека странци барале некој камен од Македонија. Претседателот веднаш ни закажа средба, ги виде примероците и веднаш покрена иницијатива и порача неколку примероци. Ја нарача пеперутката во која е вграден македонскиот рубин. Правиме сет на лажичиња за кафе или за чај, бидејќи претседателот е голем љубител на чај. Во комплетот кој има 6 или 8 лажичиња се вградуваат македонски рубин, амазонит и горски кристал – објаснува Шкартов.
Министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска била воодушевена од идејата за вградување македонски рубин во рачно изработен накит, а во последно време Шкартов се почесто соработува и со кабинетот на министерката за евроинтеграции, Теута Арифи.
Брендирањето на македонскиот рубин под тоа име, како и на амазонитот, како национални скапоцени камења, на Македонија и дава нова перспектива. Едно е дали Македонија е земја на примарни суровини, а второ е дали сте способни да правите прозивод, технологија, иновација, да го обмислите и да бидете автори на еден финален прозивод. Тоа е грижа кон сопствените природни ресорси и нивно сочувување.
Секое камче македонски рубин вградено во накитот станува инструмент на активирање на таа огромна енергија што ја поседуваат скапоцените камења и тоа станува еден ензим, кој го помага нашиот еволутивен развој како поединец како и нашиот колектив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.