Вицепремиерот во македонската влада Муса Џафери вели дека министрите на ДУИ во владата на Груевски не се кукли. Според Џафери политичарите од опозицијата и дел од цивилното општество кои велат дека албанските министри во извршната власт се само декор и се маргинализирани зборуваат од завист.
“Не е праведно постојано да се вели дека албанскиот електорат е слеп и постојано избира политички субјект кој е само украс во македонската влада”, вели Џафери во интервју за приштинскиот весник Зери.
Џафери додава дека албанската позиција во Македонија позитивно се променила со спроведувањето на охридскиот договор, во најмала рака во правниот и уставниот поредок каде се создадени услови за Албанците да можат да бидат опфатени во државните институции. Тој се согласува дека охридскиот договор е компромис, не е тоа нешто што може да ги задоволува албанските барања, но е добра основа за идните генерации да го демократизираат општеството и да земаат политичка и општествена одговорност.
Џафери смета дека има целосна отпорност од македонската страна за целосно спроведување на охридскиот рамковен договор. Говорејќи за Скопје 2014 вицепремиерот Џафери вели дека тој е провокација за Албанците, но поголема провокација за Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


