| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски гениј работи на 5Г технологија

petar popovski1

Охриѓанецот Петар Поповски е првенец на Електротехничкиот факултет во Скопје во генерацијата 1997. Дипломиран електро-инжињер, магистрира во 2000 година на Електро-техничкиот факултет, каде и привремено работи како асистент во Институтот за телекомуникации.

Порталот Инпрес направил интервју со него.

Веќе следната година заминува за Данска, на докторски студии во Универзитетот во Алборг. Од 2004 работи како доцент на Универзитетот во Алборг, каде од 2012 е редовен професор и води своја истражувачка група со десетина истражувачи: студенти, докторанти и пост-докторанти. Петар во Данска живее со синот, ќерката и сопругата Искра, која е вонреден професор на Универзитетот во Алборг. Во моментов тој и неговата група работат на неколку истражувачки проекти, од кои еден е големиот проект на ЕУ од FP7 програмата METIS 2020, во рамките на кој се прават големи чекори кон безжичната 5G технологија.

Инпрес: Охриѓани Ве знаат како еден од најдобрите кадри некогаш излезени од охридската Гимназија. Веќе полни 12 години работите надвор од Република Македонија. Заминувањето надвор беше предизвик или едноставно неопходност за да се продолжи со надградбата на професионален план?

Петар Поповски: Хмм, да, деновите и образованието во Охридската Гимназија беа навистина убави. Во однос на вашето прашање, се’ зависи на кое место ја ставаме границата меѓу она што е предизвик и она што е неопходност. Од една страна, уште кога студирав знаев дека дел од истражувачкото образование треба да го стекнам надвор од Македонија. Беше предизвик да се промени животната, социјалната и работната средина, и тогаш, во 2001, долго размислував дали да изберам да одам во Данска или во Америка, двете опции беа во игра, веројатно ја избрав поконзервативната. Но, од друга страна, мобилноста меѓу институции и соработка со истражувачи од разни делови од светот е неопходност во научниот свет. Мислам дека спојот на различни образовни, социјални и културни елементи од различни луѓе кои работат на истата истражувачка тема доведува до креативно поместување.

Инпрес: Од страна на Министерството за наука на Данска бевте прогласен за Млад елитен истражувач за 2008 година, за постигнати исклучителни истражувачки научни резултати во светски рамки. Од тогаш поминаа неколку години. Возможно ли е нашите млади и талентирани луѓе да стигнат до вакви успеси од Република Македонија. Каде според Вас е грешката – во организацијата, образованието или едноставно парите?

Петар Поповски: Во 2011 од истото министерство го добив признанието за Истражувачки лидер, наречено Sapere Aude, и проектот кој го добив преку тоа ми овозможи да ја етаблирам тековната истражувачка група. За да споредам со Македонија, да кажам дека тие признанија од данското министерство се во национални рамки, а колку што знам и во Македонија има признанија во национални рамки, кои ги доделуваат министерството, Претседателот и слично, така што дефинитивно е можно да се стигне до такви успеси и во Македонија. Претпоставувам дека разликата е во сумата на проектни пари кои се доделувааат во Македонија и секако дека тоа игра улога. Но, не е само сумата во прашање, туку и слобода во менаџирањето на средствата, флексибилност во вработување на луѓе, итн. Притоа не мислам на „слобода за менаџирање“ во смисол на „ставање в џеб“ :), туку комплетна независност во одлучување за какви намени и персонал ќе се потрошат проектните средства.

Мислам дека во Македонија има академски кадар кој може и треба да биде финансиран да работи на проекти од државен интерес, да биде присутен во општествениот дијалог околу тоа на кои технологии да се става акцент во образованието и инвестирањето. Но мора на тој академски кадар да му се дозволи независност, можност да каже критичко мислење и да посоветува. Со поголема општествена видливост на истражувачите од инжинерските дисциплини ќе има и подобро регрутирање на кадар меѓу студентите, а веројатно и државата ќе етаблира престижни признанија и компетитивност во добивањето на проекти.

Инпрес: Според последните информации во моментов работите на еден исклучително голем проект на ЕУ во рамките на кој се прават големи чекори кон 5G технологијата. За што всушност станува збор?

Петар Поповски: Тоа е проектот METIS 2020, во кој учествуваат околу 30 институции, меѓу кои се речиси сите компании кои нешто значат во безжичната технологија, како Ericsson, Nokia, Nokia Solutions Networks, Huawei, Alcatel Lucent, Deutsche Telecom, France Telecom, итн. Скоро е неверојатно како се успеа да се доведат сите овие компании да соработуваат во еден ваков проект, имајќи предвид дека конкуренцијата и економскиот наптревар во овие технологии стана многу суров во последниве години. Во тоа е Европа поразлична од нпр. Америка и тука се следи принципот дека кооперацијата ќе го подигне целосно нивото на технолошко знаење, а секоја од компаниите, аи другите институции, ќе изгради уникатна компетенција или технологија базирана на тоа знаење.

Проектот има неколку цели. Една е да се разберат и антиципираат сите возможни сценарија во кои ќе се употребува безжична технологија и последниот новински издаток кој го публикуваше проектот беше наменет да ги сумаризира нашите сознанија на ова поле. Друга цел е да се развијат технологии кои ќе ги поддржат таквите сценарија. Меѓу другите цели се и развој на системска архитектура за 5G, економска оправданост на технологијата, политики за користење на фреквенцискиот спектар, нови бизнис модели.

Инпрес: Модерната технологија се развива од ден во ден. Денес сите имаат „паметни“ телефони, во секое време се online и следат се што се случува во земјата и светот. Една информација од „прва рака“, што можеме да очекуваме во блиска иднина. Кои се предностите на новата 5G технологија?

Петар Поповски: Некои компании и академски истражувачи веќе неколку години зборуваат за 5G, но тие дискусии се сведуваа на тоа дека 5G ќе биде квантитативно подобрување на она што е 4G, или кратко кажано „4G, ама многу побрзо”. Јас, а и многу други, не се сложувам со таквиот поглед и во рамките на METIS работиме на тоа да го разбереме и дефинираме квалитативниот скок што 5G ќе го донесе во поглед на 4G.

На пример, еден таков аспект е да се овозможува конекција речиси цело време, макар и минимална. Мрежите се прават да функционираат добро во сцеанрија што се статистички чести, никој не димензионира мрежа која ќе работи перфектно добро на Нова Година, кога сите се трудата да пристапат во краток временски период. Но, статистички ретки сценарија може да бидат многу важни, како што се нпр. земјотреси, кои ја оштетуваат и инфраструктурата и во кои секоја секунда доцнење во праќање на порака може да значи живот. Безжичните системи треба да се способни да се прилагодат на таа ситуација и да овозможат поврзаност, макар и со мала брзина, скоро 100% од времето.

Друг аспект е тоа што на мобилната мрежа се приклучува се’ поголем број на сензори, контролни уреди и сл., кои бараат поддршка на меѓумашинска комуникација или Мachine-to-Мachine (М2М) communication. Типот на податоци кои тие го праќаат е сосема различен од она што се праќа и прима кога во комуникациската врска има човечка интервенција, нпр. гледање YouTube видео или говор преку мобилен телефон. Накратко кажано, сегашните мрежи знаат како да поддржат 100 корисници, од кои секој бара нпр. 1 Мегабит во секунда, но не можат да поддржат 10.000 сензори од кои секој бара 10 Килобити во секунда.

Трет аспект е релацијата меѓу инфраструктурата и бизнис моделите. На пример, Skype речиси го уништи лукративниот бизнис на телекомуникациските компании за меѓународни разговори. Прашањето е како мобилните оператори да направат одржлив бизнис модел со безжичната инфраструктура во 2020, колку и во каков фреквенциски спектар да се инвестира и слично.

Инпрес: Што точно претставува проектот METIS на ЕУ и секако кој е вашиот дел како институција во истиот?

Петар Поповски: METIS е еден од најголемите проекти во ФП7 програмата посветен на идните 5G технологии. Европската комисија полага многу надеж дека резултатите од овој проект ќе ги става европските истражувања во водечка позиција во креирањето на 5G знаење. Јас сум одговорен за проектот од страна на Алборг универзитетот, и од мојата институција на него работат околу 5-6 истражувачи. Работиме на четири аспекти. Јас сум на ниво на целиот проект одговорен за дефинирање на концептот на ултра-надежни врски (како нпр. оние кои се потребни во примерот со земјотресот). Со еден дел од мојата група работиме на архитектура базирана на безжични релеа. Друг дел работи на футуристички концепт на мултиантенски систем во кој базна станица има стотици антени (ова е познато како massive MIMO). Последниот апсект на кој работиме се комуникациски протоколи за масивен M2M комуникација.

Инпрес: Колку често доаѓате во Македонија. Како човек кој во моментов ги следи од страна случувањата во земјата, како го гледате развојот на Република Македонија. Како да застанавме премногу време во едно место?

Петар Поповски: Доста често, оваа година бев досега 3-4 пати. Ова прашање е исклучително тешко и бара многу опширен одговор. Следам што се случува во Македонија. Некои работи се движат напред, некои стојат во место и назадуваат. На пример, во METIS зборуваме дека безжичната врска во 2020 треба да биде постојано достапна, како што се струјата или водата – и тогаш се присетувам дека во Охрид, барем во мојата населба, водата е уште проблем и постојано ја снемува, летово барем трипати :).

Можеме да обвинуваме кого сакаме за назадувањето, на факт е дека тоа е пред се’ наша одговорност. Земете го примерот на Естонија – со правилна државна стратегија, за 20 години премина во лидер во информатика, но не само на пасивно ниво (нпр. образование или број на компјутерски корисницеи), туку со развој на софтверска индустрија и соодветни инвестиции. Не сум воопшто експерт за инвестирање и индустриски развој, но има работи кои може да се заклучат од гледањето на искуствата на другите и малку размислување. Мислам дека, ако постои јадро на компетенција и критична маса на луѓе на кои им е дадена претприемничка слобода, тогаш инвестициите во таа област сами ќе дојдат. И тоа би не ставило во супериорна позиција за разлика од ситуацијата каде инвестицијата доаѓа „по секоја цена”, без разлика на областа на инвестирање и согласност со некоја подолгорочна државна стратегија.

Јас сум дел од образовна и истражувачка институција и секако дека треба да ставам висока важност на образованието. Пред некој ден прочитав дека 98% од средношколците во Македонија се запишуваат на факултет. Не мислам дека тоа е добра вест, затоа што не знам која индустрија ќе го апсорбира тој кадар, а другите 2% треба да ги покријат сите други работни позиции, за кои не се бара факултет. Од аспект на информатички и телекомуникациски технологии, многу подобра вест ќе биде да има голем процент на инжинери кои добиле стимулација од државата да отворат свои фирми.

Инпрес: Што најмногу Ви недостасува од Република Македонија – семејството, пријателите, храната…?

Петар Поповски: Во Европа се одлучив да останам најмногу заради тоа да бидам блиску до Македонија и да доаѓам почесто. Секако дека семејството и пријателите недостигаат, дел од тоа се надополнува преку социјалните мрежи и Интернет комуникацијата, но живото присуство е незаменливо. Покрај приватно, врската со Македонија се обидувам да ја одржувам и професионално. Во пролетта 2013, заедно со македноски колеги, организиравме меѓународна школа за Теорија на Информации во Охрид, со присуство на врвни предавачи и студенти од цел свет. Делумно сум инволвиран и во докторските студии на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии, така што ќе доаѓам и со работни обврски. Убаво е да се доаѓа тука, но засега работниот оптимум ми е надвор од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top