Со измените на Законот за работни односи работодавците не ќе можат да ги принудуваат работници да потпишат бланко – откази.
– Со најновите измени на Законот, кои се на јавна расправа, во консултација со синдикатите и работодавците, се обидовме да ги коригираме детектираните проблеми. Се предвидува да не постои бланко потпишана изјава за отказ на која работодавците дополнително само го допишуваа датумот. Сега се предвидува суштинскиот дел на текстот да биде унифициран, но еден дел да остане празен. Тука работодавецот и работникот ќе имаат обврска своерачно да го напишат името, презимето, датумот и местото на престанување на работниот однос – рече денеска Спиро Ристовски, министерот за труд и социјала.
Со ова, како што рече, во голема мера ќе се намали веројатноста дека некој ќе се обиде да фалсификува нечиј потпис, цело име и презиме или датум.
Втора значајна измена во Законот е предлогот за воведување мандатни казни за непријавени работници.
-Ќе се воведат мандатни казни ако се затекнат до две непријавени лица. Притоа, работодавецот ќе треба да плати по 1.000 евра за секое лице и обврска да ги пријави во рок од осум дена. Доколку не го направи тоа, објектот ќе биде затворен. Ако се најдат три или повеќе непријавени работници, нема да има мандатни казни, туку објектот веднаш ќе биде затворен и притоа работодавецот нема да смее да отпушти ниту еден вработен, туку ќе треба да им исплаќа плати во висина од 70 проценти од последната исплатена плата – појасни Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



