Годинешното издание нуди дури 74 филмски наслови од светската и од македонската кинематографија. Меѓу нив има четири премиери, потоа два кандидата за „Оскар“, голем број наградувани филмови на светските фестивали, познати автори и филмски таленти.
Фестивалот ќе биде отворен со премиерата македонскиот игран филм „Соба со пијано“ на Игор Иванов-Изи, за кој има толку голем интерес што е обезбедена и втора проекција од 23 часот, на која пред битолчани исто така ќе се поклони целата екипа.
Првпат за публиката ќе бидат прикажани и „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева за ергените од Битолско кои бараат невести во Албанија и „Слатки“ на еден од најинтригантните израелски режисери, Јосеф Пичадѕе.
Македонската премиера ќе има и стоп-анимацијата „Алерик“ на Вук Митевски, која минатиот месец беше учесник на Сараевскиот филмски фестивал. Покрај тоа, ќе бидат проектирани два филма во чест на лауреатите: добитникот на „Златната камера 300“ за животно дело Хозе Алкаин („Кожата во која живеам“ на Педро Алмодовар) и специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност Ањес Годар („Дом“).
Еден од централните настани оправдано се очекува да биде проектот „Црно-бело со пијано“, каде што заедно со Кинотеката на Македонија, првпат ќе бидат прикажани сите дигитализирани филмови од оставината на браќата Манаки во пијано-придружба на Благој и Бојан Маротови, што ќе ги евоцира почетоците на филмската уметност и автентичноста на филмот пред неговото озвучување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки


