Литванија ја победи Франција со 76-62 во дербито на премиерната рунда од втората фаза на европското првенство во кошарка во Словенија. Со тоа репрезентациите од Б групата во која беше и Македонија, ги совладаа ривалите од соседната А група со 3-0, откако денеска и Летонија ја декласира Украина со 85-51, а и Србија беше подобра од Белгија со 76-69. За утеха на нашите кошаркари кои испаднаа по првиот круг е фактот што нашите ривали беа посилни и групата беше поизедначена и поквалитетна.
Тоа вечерва го потврдија и Литванците играјќи модерна кошарка против фаворизираните Французи. „Триколорите“ имаат неколку НБА ѕвезди од калибарот на Тони Паркер, Николас Батум, Борис Диа, Флоран Пјетруш, но на паркетот беа уверливо надиграни од мотивираните Литванци.
Предводени од Линас Клеиза и Јонас Валанчиунас кои истотака играат во НБА, но не се толку афирмирани како нивните денешни ривали од Франција, Литванија беше супериорна. Клејза постигна 11 поени, Валанчиунас два повеќе, а најефикасен беше Сеибутис со 15 поени.
Кај Франција Нандо де Коло даде 12 поени, а комплетно разочара Паркер, кошаркар кој има и НБА титули, уфрлајќи само 11 поени.
По премиерниот ден во Е групата, Србија е лидер со 6 бода, пред Литванија и Франција со по 4 и Летонија и Украина со 2, а последнопласирана е селекцијата на Белгија без бодови. Првите 4 репрезентации чќе се пласираат во четвртфиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.