| четврток, 6 декември 2018 |

Косово апелира за крај на трговската војна

petrit selimi

Македонија е наш најголем трговски и не само трговски партнер. Со Македонија имаме најголем број потпишани билатерални договори, повеќе дури и од за нас братската Албанија или пријателската САД или Турција, во образование, трговија, економија, изјави Селими.

Косовскиот заменик-министер за надворешни работи, Петрит Селими, повика на надминување на трговскиот спор меѓу Македонија и Косово и брзо повторно воспоставување на слободната трговија меѓу двете земји.

– Навистина се надевам дека ќе направиме неколку чекори назад, да се вратиме на првиот чекор и да решиме и да ја почитуваме слободата на трговија и слободата на движење на луѓе и да продолжиме да бидеме добри соседи и пример за многу други балкански земји што војуваа меѓу себе. Со Македонија, освен етничките тензии одвреме-навреме што се поттикнати од националисти во двете земји, навистина се трудиме да бидеме колку што е можно повеќе поврзани – изјави Селими, кој зборуваше во универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.

Селими пред американската публика накусо го претстави трговскиот спор, велејќи дека Косово решило да воведе ембарго за дел од македонските производи поради македонската одлука со која се оневозможува увоз на косовско жито и брашно на Македонија. Потоа Македонија донела одлука за воведување такса за влез на косовските државјани, за на крајот Косово да воведе целосно ембарго за македонските производи.

– Македонија е наш најголем трговски и не само трговски партнер. Со Македонија имаме најголем број потпишани билатерални договори, повеќе дури и од за нас братската Албанија или пријателската САД или Турција, во образование, трговија и економија. Трговскиот дефицит кон Македонија ни е 90 проценти. Значи, за секои девет евра што ние ги трошиме во Македонија, Македонците трошат едно на Косово – изјави Селими.

Косовскиот заменик-министер воедно се пожали дека и самиот морал да ја плати давачката за влез во Македонија, за да може да лета од Скопје кон Вашингтон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top