| четврток, 6 декември 2018 |

Безнадежно е да се игра против фантастичниот Надал, Шпанецот го освои Њујорк (видео)

Рафаел Надал повторно игра врвен тенис, а долгата серија победи на северноамериканската турнеа, синоќа ја комплетираше со триумф на САД опен. Со импресивна игра Шпанецот стаса до 13. гранслем трофеј по триумфот од 6-2, 3-6, 6-4, 6-1 против најдоброрангираниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ.

Надал остана непоразен на турнирите на бетон што се играат во САД и Канада, а маестралната серија од 22 победи без пораз ја круниса со втората титула на „Флешинг Медоуз“. Вкупно сега има 13 гранслем трофеи со што е на третото место на вечната листа зад рекордерот Роже Федерер со 17 и зад Пит Сампрас со 14.

Шпанската фурија, лани воопшто и не играше во Њујорк, поради проблемите со колената, па многумина се сомневаа дека се ближи крајот на тениската кариера за 27-годишниот атлета од Мајорка.

nadalak

Паузираше повеќе од 7 месеци, а демантот дека е загубен за тенис, стаса на Ролан Гарос во Париз во финишот на мај и на почетокот од јуни годинава. По осми пат Рафа го крена пехарот на престижниот турнир, а потоа по неуспешната епизода на Вимблдон, следуваше импресивна серија од победи на тврда подлога на турнирите во Северна Америка.

Иако важи за специјалист за игра на земја, Надал освои три турнири од Мастерс серијата, што се играат на бетон и најави поход на втората круна на САД опен. Тоа и го оствари, благодарение на подобрата игра од големиот ривал Ѓоковиќ.

„Ова е многу емотивен момент за мене. Особено поради проблемите што ги имав по повредите. Посебно е чувството да играте против Ѓоковиќ, тенисер што ве принудува да играта до последен здив. Тој е неверојатен тенисер со извонредна кариера и е вистински шампион. Еден од најдобрите во историјата на тениската игра“, рече Надал во интервјуто на Централниот терен веднаш по триумфот.

nadalka

Новак по седми пат во низа се најде во полуфиналето во Њујорк или степеник погоре во финалето, но губи меч за титула втора година по ред. Лани подобар од него беше Енди Мари, па останува да чека трета шанса за втора трофеј на САД опен.

Погубни за него беа неизнудените грешки, дури 53 во однос на дваесетте на Надал и тука е клучот на 22. пораз во 37. меѓусебен дуел со Шпанецот. Ѓоковиќ ќе го задржи првото место на светската ранг-листа, но Надал кој не брани поени од лани, на следните турнири има шанса да направи пресврт и да ја заврши годината на врвот. За триумфот во Њујорк доби награда од 2,6 милиони долари и бонус од еден милион за првото место во таканаречената САД опен серија.

„Му честитам на Надал. Беше премногу добар и го заслужи трофејот. Ми беше привилегија што играв во финалето на еден ваков престижен турнир. Ви благодарам за подршката и се враќам во Њујорк следната година“, изјави Ѓоковиќ веднаш по поразот. Тој ќе добие парична награда нешто повисока од 1,3 милиони долари.

nolce

Иако според резултатот, навидум изгледа дека Надал лесно победи, воопшто не беше така. Нијанси одлучуваа за победникот, а ќе остане запаметен моментот од вториот сет, кога за само еден поен двајцата тенисери имаа вкупно 55 удари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top