Репрезентацијата на Литванија им се приклучи на Србија и на Летонија во втората фаза од шампионатот во Словенија и покрај поразот од Босна и Херцеговина со 72-78. Босанците имаат за што да жалат бидејќи пропуштија огромна шанса да победат со потребните десет поени разлика против Литванците.
На околу 4 минути до крајот на натпреварот БиХ ја имаше обезбедено предноста, дури позитивата беше 16 поени, 74-58, но потоа следеше одлична серија на Литванците. Мирза Телетовиќ со 31 поен беше најпрецизен, но НБА ѕвездата од Бруклин нетс ја промаши последната тројка на пет секунди пред крајот, кога неговата селекција имаше предност од седум поени и со евентуален погодок ќе стигнеше до толку посакуваната двоцифрена позитива.
Од групата Б во која играше и Македонија понатаму патуваат Србија со 4 бода, Литванија со 2 и Летонија без бодови.
Пласман во следната фаза обебзеди и Хрватска, со победа во директниот дуел против Чешка со 70-53.
Италија остана единствената непоразена селекција по првата фаза, а „аѕурите“ го прокнижија и петтиот триумф во низа, овојпат со 82-79 над репрезентацијата на Шведска. Џентиле со 19 поени беше најефикасен кај Италијаните, постигнувајќи три поени повеќе од Арадори.
Претходно Финска ја изненади Грција и ја остави да патува во следната фаза без бодови. Италија носи 4 бода, Финска 2, а Грција ја почнува втората фаза од нула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



