Во Словенија според сите претпоставки лебедовата песна во националниот дрес ја испеаа Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Владо Илиевски и Тодор Гечевски, а би требало да имаме и нов селектор, по неуспешната мисија на Алеш Пипан.
Антиќ има 31 година и нов предизвик, настапи во НБА лигата, како прв македонски кошаркар во најсилната светска лига, во дресот на Атланта хоукс. Реално тешко е да се очекува да продолжи да игра за репрезентацијата.
Патем во екслузивното интервју за „Република“ пред стартот на ЕП, а веднаш по потпишувањето на договор со „Јастребите“ од НБА, изјави дека во Словенија за последен пат ќе го носи националниот дрес. Никогаш не вели никогаш, можеби и постојат минимални шанси да се премисли, но Антиќ и покрај тоа што честопати е критикуван, даде се од себе да и помогне на репрезентацијата. Заслужено беше капитен на Македонија, и еден од најзаслужните за најголемиот успех во колективните спортови, во Литванија 2011, кога бевме четвртопласирани.
Тој успех и заслугите на Антиќ не може да ги избрише никој и крилниот центар на репрезентацијата ќе биде запаметен како еден од лидерите на оваа генерација.
Мекејлеб е посебна приказна и тој засекогаш ќе остане во срцата на Македонците, како вистински спортсмен, врвен кошаркар, кој како неочекуван подарок слета во нашето јато. Чесен, скромен, секогаш борбен, со извонредни кошаркарски квалитети, Бо набрзина не освои и ќе го паметиме како еден од најдобрите спортист од странство што играл за Македонија во било кој спорт. Американецот од Оклахома има огромно срце и со многу љубов играше за нашата земја, па апсолутно заслужи почит. Сепак секоја бајка си има крај, а тој се наѕира во случајот на Мекејлеб и неговите настапи за македонската селекција. Во следните репрезентативни акции ќе ги нема грото кошаркари со кои навикна да игра, па разделбата е извесна.
Гечевски одлучи уште овојпат да игра за Македонија, на молба на своите соиграчи, а така размислуваа речиси сите симпатизери на кошарката кај нас. И големиот воин прифати да ја одложи залужената пензија и да настапи и во Словенија. На 36-годишна возраст тешко се игра баскет со помладите и физички поподготвени противници, но популарниот Тоше храбро го прифати предизвикот и помогна. Неговата страст за кошарка е неверојатна, а за квалитетите добиваше комплименти од врвни стручњаци и треба да бидеме среќни што во составот и во оваа извонредна генерација имавме таков играч.
Веројатно за последен пат дресот на македонската репрезентација го носеше и Владо Илиевски. И во Словенија одигра солидно, како и секогаш, а доволна е само тројката во Литванија за елиминација на домашната селекција и неговата антологиска изјава „Леле што направивме“ за да си има посебно место во кошарската историја на Македонија. Врвен техничар, голем борец и квалитетен бек, што не задолжи со импресивните настапи за нашата земја. За сите четворица, Македонија и искрените симпатизерите на кошарката и спортот воопшто, велат БЛАГОДАРИМЕ МАЈСТОРИ.
Алеш Пипан е посебна приказна, а веројатно и дел од околностите влијаеа да нема успешна мисија како селектор на Македонија. Тој е еден од најдобрите тренери во Европа за брусење таленти, но Македонија за жал слабо работи на тој план. Од Литванија 2011 и подвигот со освојувањето на четвртото место, не создадовме ниту еден млад кошаркар, што може веднаш да игра на високо ниво. Со истиот состав игравме и во Литванија на ЕП и сега во Словенија. Немаше замени, свежа крв во репрезентацијата, а за тоа не ни е виновен Пипан, туку лошата работа во клубовите. Во перспектива многу очекуваме од Магдевски, Николов, Димитриевиќ… Брчков и во Словенија солидно ја искористи минутажата, но тоа не беше доволно за да се сокрие проблемот и лошата работа со талентираните кошаркари. Младите тешко и ретко добиваат шанса, што негативно влијаеше и на резултатите на репрезентацијата.
Србија, Летонија, Хрватска…. треба да ни бидат пример за работа со млади категории. Голем минус за Пипан е што не се снајде на тактички план. Слабо ги снимавме противниците, ни се повторуваа истите грешки од меч во меч, а Словенецот пречесто ги забораваше играчите на клупата. Посебна приказна е користењето на тајм-аутите. Многу често Пипан реагираше предоцна, па комплетниот впечаток е дека не ја искористи шансата на свој терен во Словенија, успешно да ја води четвртопласираната селекција од претходниот шампионат. Тој и онака си има ангажман во Олимпија и ќе биде вистинско чудо, ако остане селектор на Македонија и во идниот период.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


