| четврток, 6 декември 2018 |

Проработе македонскиот инает и гордост, ја „поздравивме“ Србија со 14 поени разлика

Конечно го вративме „духот“ од Литванија 2011, а кога Македонците играат кошарка како што знаат страдаат гигантите. Со многу инает и гордост, Перо Антиќ, Бо Мекејлеб, Владо Илиевски и останатите наши кошаркари ја декласираа Србија со 89-75. Кога стравувавме од трет последовален пораз, искусните борци на Алеш Пипан истапија со срце, со квалитет, со карактер и одиграа како по ноти.

Ја најавивме значајната победа уште од стартот со предност од 5-0, а разликата растеше постојано. Првиот период го добивме со 29-17, а играта беше извонредна, со одлични акции и атрактивни потези и поени. На паркетот доминираа момците во „жолто-црвени“ дресови и го газеа противникот, а на трибините „Фалангата“ од македонски навивачи беше распеана, гласна и задоволна од играта на своите миленици.

Во вториот период дополнивме позитива од 4 поени и на паузата меѓу двете полувремиња заминавме со водство од 48-32.

Фуриозната игра на Македонија продолжи и во третиот период, а доминиравме во сите сегменти. Мекејлеб беше незадржлив во продорите под обрачите, Антиќ ги разби противниците во скокот, Владо Илиевски погодуваше тројки во серија, а расположени за игра беа и Самарџиски, браќата Стојановски, Гечевски… И третиот период го добивме со 22-13, а на семафорот стоеше неверојатен резултат од 70-45.

Во последниот период се почуствува заморот, играме со скусен ростер, а повреден ни е Чековски, но и Брчков со солиден настап покажа дека имаме материјал и на клупата.

Сепак Србите се полетна репрезентација со мошне талентирани кошаркари и искусни волци од калибарот на Крстиќ, па не стиснаа со фуриозни напади. „Орлите“ намалија на 11 поени негатива на нецели 4 минути до крајот, но се вративме во вистински ритам, храбро, јуначки, со доза инает, по критиките за претходните настапи, а и покажавме и на ФИБА, дека бајката на Македонија се уште не е завршена.

Мекејлеб беше прва вилоина во феноменалниот оркестар на Алеп Пипан со 27 поени. Пред мечот најави дека нема да има милост кон противникот, иако токму во Србија во редовите на Партизан се промовираше на кошаркарската мапа како извонреден играч.

F.Y.R. of Macedonia vs Lithuania

Перо Антиќ покажа дека е НБА калибар и против еден од најдобрите пивоти во Европа, Крстиќ прикажа извонредна игра, со дабл-дабл учинок од 16б поени и 14 скока. Илиевски постигна ист број на поени, Гечевски додаде 9 поени со 8 скока, а браќата Стојановски искомбинираа 15 поени, со 8 скока. И Самарџиски се разбуди и постигна 6 поени, со 5 скока.

Кај противниците Анѓушиќ беше најефикасен со 19 поени, Бјелица даде 13, а Недовиќ 11. Утре за нас е слободен ден, а во недела и понеделник играме клучни натпревари со БиХ и со Летонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top