Со македонскиот политичар, амбасадор на земјава во Белград и поранешен прв човек на македонското Собрание се сретнавме таму каде што тој, веројатно, се чувствува најпријатно – во бифето на Театар Центар. Опкружен од своите пријатели, театарските работници, Љубиша Георгиевски со насмевка раскажуваше за згодите и за незгодите во годините наназад. Во моментов подготвува нова претстава. Вели тоа е „лонг стори“ (долга приказна). Режисерот, кој смета дека лудилото е благослов во театарскиот занает, ни посочи дека веројатно е режисер со најмногу забранети претстави.
– Направив една книга за некакви мои сеќавања, за моите десет забранети претстави од страна на Тито. Десет! Веројатно нема човек на светот на кого му забраниле 10 претстави. Сталин една ќе ти забрани, по втората те стрела. Не можеш да браниш рекорд – се смее македонскиот политичар.
Во 1994 година, на изборите, бевте противник на тогашниот претседател Киро Глигоров. Тогаш за првпат пошироката јавност, преку вашите дуели со него, на некој начин сфати дека помина времето на култ кон личноста и дека во демократијата секој може, доколку има добри аргументи, да победи неприкосновени функционери, како првиот претседател. На крајот загубивте во гласови, но победивте во смисла на јавна дебата и реторика, а, ако не се лажам, еден од дуелите беше одложен.
Георгиевски: Дозволете ми овде да му оддадам признание на вашето сеќавање на тие денови на државен фалсификат. Тогаш ја сфатив најдлабоката смисла на митот како таков: Македонците воспитани на митот за Крали Марко и за Црна Арапина, гласаа за Црна Арапина!? Тогаш Киро Глигоров (за мртвите само добро), факт е дека побегна од финалниот дуел на телевизија. Тоа недвосмислено значи дека тој бил Црна Арапина, па ако сака и стопати да умре!
Од оваа временска дистанца, што е за вас Киро Глигоров, голем Македонец, патриот или само политички противник, кој се нашол таму каде што го донела историјата?
Георгиевски: Да. Само неговиот шеф, Тито, беше поголем Македонец од него.
Фото: Александар Ивановски
Целиот разговор е објавен во најновиот број на Неделникот Република кој од денеска е во продажба (6.9.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.