| четврток, 6 декември 2018 |

Видео од мини-лабораторијата за марихуана на Кили и на Мио

Мини-лабораторијата за марихуана на Кили се наоѓала во Визбегово. МВР објави видео од саксиите во кои, според сомнението на полицијата, Кили и еден од неговите браќа, Владимир Поп Христов, одгледувале марихуана, а потоа ја препродавале.

Според МВР Кили и еден од неговите браќа, Владимир Поп Христов или познат како Мио, одгледувале марихуана со висок квалитет, во посебни услови, од специфичен вид семки, кои се карактеризираат со низок раст и формирање поголем цвет каде што концентрацијата на  THC (тетрахидроканабинол) е поголема. Запленети се 80 саксии во кои имало насади од растението Canabis Sativa.

-По претходно добиени сознанија дека лицата К.П.Х.(46) и В.П.Х.(36) во викенд-куќа во с. Визбегово, на нелегален начин одгледуваат стебла од растението канабис сатива со цел да произведат наркотична дрога марихуана, а врз основа на  наредба од истражен судија извршен е преглед и претрес во дом и други простории на споменатите. Притоа во подрумот од куќата во две специјално подготвени и опремени простории се пронајдени: 25 саксии со стебла во висина од 0,7 м до 1 м, 33 саксии со стебла во висина од 2 см до 30 см, 2 саксии со овенати стебла, еден пластичен сад во кој има електричен систем за наводнување и 20 стебла во големина од околу 10 см, рефлектори, термостат, приклучоци за струја, продолжни кабли, вентилатори и др. Исто така, пронајдени се и хемиски препарати и адитиви за прихрана, растење и одгледување на растенија и повеќе пакувања со семки од растението Canabis Sativa. Пред започнување на претресот во дворот од викенд-куќата е затечен првоосомничениот – велат од МВР.

Полицијата тврди дека тие двајца во текот на 2012 година, неовластено од Холандија набавиле семенски материјал, кој го донеле во Македонија со намера да го засадат. За таа цел, во подрумската просторија во викенд куќа во с. Визбегово (сопственост на нивната мајка) во која живее Мио, специјално подготвиле и опремиле две простории, на тој начин што инсталирале систем за вентилација на воздух (четири вентилатори и едно алиминиумско црево за вентилација), систем за осветлување (три електрични рефлектори и алуминиумски фолии) и систем за затоплување и регулирање на температурата (еден термометар и два термостати) по што во специјално наменет пластичен сад во кој има инсталирано систем за наводнување, произведувале расад од семенскиот материјал, кој потоа го пресадувале во саксии со цел да израснат стебла од растението Canabis Sativa.

Во временски период од околу шест месеци пријавените редовно ги надгледувале притоа управувајќи со системите за вентилација, осветлување, затоплување и регулирање на температурата, ги полевале со вода како и ги потхранувале со хемиски препарати и адитиви, со намера откако растенијата ќе достигнат одредена големина, разгранетост како и откако ќе расцветаат, истите да ги оберат листовите и цветовите од растението Canabis Sativa, да ги исушат и произведат наркотична дрога марихуана.

За нив ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Кили денеска ќе биде изведен пред надлежен истаржен судија, додека Мио во моментов не е достапен на органите на прогон и се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top