Пешачкиот мост „Око“ , кој е дел од проектот „Скопје 2014“ и ги поврзува кејот кај ГТЦ со Археолошкиот музеј, ќе се прекрсти „Цивилизациите во Македонија“, јави „Алфа“.
Телевизијата посочува дека предлогот засега е само дел од дополнувањето на листата за именување инфраструктурни објекти, која е планирано да се разгледува на следната седница на Советот на Град Скопје.
Неофицијално, меѓу причините за новото име на мостот „Око“ се скулптурите поставени на него, па „Цивилизациите во Македонија“ било посоодветно решение бидејќи обележјата се на историски личности од различни епохи.
Зошто такво име треба да стои на објект во Скопје, образложено е во материјалите доставени до советниците.
„Македонија, и самата наречена ’лулка на цивилизациите‘, на целата своја територија е бележана со знаци на сите цивилизации што врвеле низ нејзините патишта. Сите тие придонеле да се збогати нашето културно наследство, кое опстојало до денес. Република Македонија го искажува својот пиетет кон народите и генерациите што живееле и твореле на почвата на Македонија“, е образложението на предлог-одлуката, која веќе е доставена до советниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.