| четврток, 6 декември 2018 |

Пак трговска војна со Србија? – И челичарниците се жалат на македонската конкуренција

celicna-industrija1-(1)

Производителите на челик, цевки и на арматура од Србија мака мачат бидејќи им се дозволува на компаниите од Македонија, кои увезуваат челик со понизок квалитет од Кина и Индија, овие производи да ги продаваат во Србија без царина, се вели во анализата на српски „Телеграф“.

Работниците во металната индустрија на Србија претрпуваат штети од најмалку 150 милиони евра годишно бидејќи Министерството за градежништво одбива да ги примени Прописите за контрола на заварени цевки и арматурна мрежа, што е причина зошто локалните производители со години се во неповолна положба во однос на конкуренцијата.

– Прво, тоа е кршење на ЦЕФТА договорот бидејќи производите може да се продаваат на териториите на земјите-потписнички само ако се произведени на територијата на истата земја. Меѓутоа, фирмите од Македонија овде продаваат работи кои не се произведени во нивната земја, а за тоа не им се наплаќа никаква царина. Годишната штета се проценува на 120 до 170 милиони долари – изјави за „Телеграф“ Драгољуб Рајиќ, директор на Унијата на работодавачи на Србија.

Тој вели дека работниците се обратиле и до министерот за градежништво Велимир Илиќ, но тој не одговорил на нивните барања.

– Имаме случај во кој неколку македонски компании увезуваат челик со понизок квалитет од Кина и од Индија, кој го користат за изработка на цевки и арматурни мрежи и потоа тие производи со полош квалитет во споредба со српските ги пласираат во Србија и другите земји од ЦЕФТА. И, секако, ги продаваат по пониски цени и затоа се купуваат… Постои опасност од колапс на голем број објекти во Србија, кои се вградени ваквите материјали од втора класа, а се претставени како производи од прва бидејќи Србија не врши контрола на овие производи. Нема Правилник во однос на квалитетот. Ем го уништуваме нашето градежништво и индустрија, ем животот на граѓаните – вели Рајиќ.

Според пишувањата на медиумот, од Министерството им рекле дека Правилникот е објавен во јули 2011 година, а дека по барање на произведувачите, формирана е Работна група за измена и дополнување на правилникот.

– Министерството ги извести членовите на работната група за недостатоците во предлозите за измена и дополнување на Правилникот, но членовите немаат доставено нови предлози, па така ни претставникот на произведувачите – соопштуваат од надлежното Министерство.

Според нив, тие не се надлежни за проблемите околу царините и увозот, туку тоа било надлежност на српското Министерство за финансии.

-Домашните произведувачи инсистираат на контрола на увозните, но не и на домашните производители, а Министерството надлежно за градежни активности го интересира квалитетот на материјалите без разлика каде се произведени. Нагласуваме дека министерот Велимир Илиќ формираше и работна група за подготовка на прописи за градежните материјали, за кои ќе биде преземена и Регулативата за градежни материјали на ЕУ – се наведува во одговорот на Министерството за градежништво и урбанизам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top