Денеска се навршуваат четири години од трагедијата што се случи во Охридско Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.
Делегација на Општина Охрид и на Здружението на граѓани „5 септември“ денеска ќе положат цвеќе пред спомен-плочата на жртвите, поставена на Градскиот кеј во Охрид.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10.30 часот, кога потона бродот „Илинден“, кој со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Бродот се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Капетанот Сотир Филески (23) беше приведен дента на несреќата, при што му беше изречена мерка притвор што беше во сила сѐ до правната разврска на случајот на 5 јули 2011 година, кога беше осуден на една година затвор. Олеснителна околност за Филески беше барањето на застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата за изрекување алтернативна, а не ефективна законска мерка за капетанот, со образложение дека сторил сѐ што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.
Основниот суд во Охрид, каде што од 28 февруари 2011 година се одвиваше судскиот процес за несреќата, во отсуство го осуди и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“, Бранко Баиќ, заради несовесно вршење на техничката исправност на бродот „Илинден“ изграден во 1924 година.
Семејствата на оштетените и загинатите патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања против Република Македонија ќе ги истакнат во граѓанска постапка, што сѐ уште не е случено.
Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева, како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Две седмици по потонувањето, бродот „Илинден“ на 19 септември беше извлечен на површината на Охридско Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Родителите биле против нејзината љубов: Милош и Наташа заедно заминаа и во смрт!
-
Во смрт со 170 километри на час: Милош и Наташа биле неразделни, а сега се забија во автобус и загинаа!
-
Еден загинат и петмина повредени при железничка несреќа кај Барселона
-
Четиригодишно дете загина при несреќа на минибус близу Солун