Рафаел Надал е во извонредна форма на турнирите во Северна Америка, а синоќа ја забележи и дваесеттата победа по ред на тврда подлога, и тоа за само 100 минути во дуелот со Томи Робредо. Фуријата од Шпанија славеше со 6-0, 6-2, 6-2 и се проби до полуфиналето на гранслем-турнирот во Њујорк.
Претходно Робредо го елиминира Роже Федерер, но немаше сили за уште една добра партија тенис и лесно испадна во дуелот со сонародникот Надал. Противник на шпанскиот ас, кој е непоразен на турнирите во Северна Америка, ќе му биде Ришар Гаске. Францускиот ас не дозволи шпанско полуфинале и со 3-2 во сетови го елиминира Давид Ферер. Проблем за Гаске е што нема ниту една победа против Надал во досегашните 10 меѓусебни дуели.
Во женска конкуренција приказна на турнирот е атрактивната Италијанка, Флавија Пенета. На 31-годишна возраст дамата од Бриндизи за првпат ќе игра полуфинале на гранслем-турнир. Таа е позната како поранешна девојка на Карлос Моја и е една од најатрактивните на турнирите на ВТА, а во Њујорк потврди дека е одлична тенисерка. Вчера со 6-4, 6-1 ја декласира сонародничката Роберта Винчи, која е 13-рангирана на листата на ВТА и 10. носителка на Отвореното првенство на САД. Пенета е на 83. позиција, а сигурно ќе напредува педесетина места на ранг-листата по овој турнир. Претходно ги нанижа и фаворитките Сара Ерани, Светлана Кузнецова и Симона Халеп.
Да не биде комплетно женско полуфинале со тенисерки на возраст од 30+, се погрижи 24-годишната Викторија Азаренка со победа против 6 лета постарата од неа Даниела Хантукова. Белорусинката лесно се справи со предизвикот и победи со 6-2, 6-3. Во второто полуфинале ќе играат актуелната шампионка Серена Вилијамс и На Ли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.