Ова пред се беше многу значаен состанок и многу пријателски разговаравме за регионалните политики, за инвестициите, како и за интегрирањето на нашата земја и целиот регион на западен Балкан во евроатлатнските структури, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Атина по средбата со грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер Евангелос Венизелос, пренесе МИА.
-Република Грција секогаш ќе биде од полза и ќе му помага на регионот да стане дел од НАТО и ЕУ. Истовремено разговаравме и за градењето силни односи со соседите, како и од потребата за соработка на сите политички и економски полиња, изјави Ахмети по средбата.
Тој информира дека го иницирал и прашањето за името на Македонија затоа што нашата земја има потреба што е можно побрзо да стане дел од НАТО и ЕУ.
– Тоа е тема која бара залагање од Обединетите Нации, посебно од медијаторот Метју Нимиц кој набргу ќе го посети регионот, нагласи Ахмети и додаде дека со Венизелос не разговарале за конкретни предлози.
Лидерот на ДУИ смета дека Нимиц е личност која треба да го менаџира проблемот кој и пречи на Македонија да стане членка или да добие покана за членство во НАТО, и да почне преговори за членство во Унијата. Во однос на агендата на грчкото претседателство со Унијата, на која проширувањето не е меѓу приоритетите, Ахмети изјави дека Грција е заинтересирана Македонија да постигне напредок во евроинтеграцијата. Тој и овој пат повтори дека сите државни теми кои бараат решение се дел од одговорностите на ДУИ како коалициски партнер во македонската Влада.
– ДУИ има своја политичка платформа како за внатрешните, така и за надворешните политики. Но никогаш не дејствува и не работи без да биде информиран коалицискиот партнер, нагласи Али Ахмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


