| четврток, 6 декември 2018 |

Норвешка вистински тест за македонските фудбалски таленти

Селекторот Бобан Бабунски е оптимист пред дуелот со силната Норвешка во новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП за фудбалери до 21 година. Македонија на 10 септември ќе гостува во Драмен, во натпревар што е вистински тест за можностите на македонските фудбалски таленти. Имаме добар „штоф“, а противник ни е една од најреномираните европски селекции во младинските категории. Норвешка речиси редовно игра на завршните турнири на ЕП, а и сега е еден од фаворитите во нашата група, заедно со Португалија за пласман на шампионатот во Чешка 2015 година.

– Се надевам дека ќе ја продолжиме серијата успешни резултати на гостински терен. Очекувам сите селектирани фудбалери да ја оправдаат добиената шанса. Норвешка е исклучително силна репрезентација, според анализата, еден од фаворитите во нашата група. Одиграа многу квалитетен натпревар против Полска, славеа со 4-2, и тоа е доволен показател за силата на Норвешка. За нас би било оптимално да славиме на сите домашни натпревари, а на гостувањата да се бориме за позитивен резултат. Верувам дека во Драмен ќе го наметнеме нашиот стил на игра. Доколку бидеме рамноправни во контролата на играта, комбинаториката и создавањето шанси, мислам дека очекувањата се реални – вели селекторот Бабунски.

Во квалификациите за пласман на ЕП во Чешка, Македонија е во осмата група со селекциите на Португалија, Норвешка, Израел, и Азербејџан. До крајот на годинава младата репрезентација на домашен терен ќе ги одигра возвратните натпревари против Азербејџан и Норвешка. Веќе одигравме еден меч против Азербејџан на гости, кој заврши без голови.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top