Есен за уживање ќе ни приредат македонските екипи и репрезентации, а стартот е за нас најважен, за два дена во Словенија на Европското првенство. Кошаркарите ја почнуваат новата евроавантура против Црна Гора во Јесенице, в среда од 17.45 часот, а го браниме одличното четврто место од Литванија.
Во низа потоа следат дуелите на Македонија против Литванија, Србија, БиХ и Летонија, во битката да се освои едно од првите три места во групата Б, што би ни овозможило да го продолжиме престојот во Словенија. За сите љубители на спортот и особено кошарката што нема да можат да одат во Јесенице, преносите од натпреварите на ЕП ќе можат да ги следат на телевизија „Сител“.
Македонија повторно е на нозе, а со посебно внимание ќе се следат игрите на Антиќ, Мекејлеб, Гечевски, Чековски, Илиевски, браќата Стојановски, Самарџиски и сите останати кошаркари во црвено-жолти дресови, кои во континуитет ни носат радост и успеси на спортски план.
Посебна приказна е ракометот и успесите на машките екипи на Вардар и Металург. „Црвено-црните“ заслужија директен пласман во Лигата на шампионите, Металург се избори преку бараж за нов настап со кремот во Европа, а Скопје стана едеинствен град на стариот континент со две машки екипи во ЛШ. Милано ги има Интер и Милан, Скопје е уникат во Европа како единствен град со два клуба во елитното натпреварување. И за да биде уште поинтересно, двете напи екипи се во иста група, заедно со гигантот Барселона и дрим-тимот на Пари сен Жермен.
На 21 септември Скопје ќе „гори“, а во нашиот главен град гостува Барса во меч против Вардар. Веќе следниот викенд ќе имаме нов ракометен мегадуел за сите вкусови, а на гости на Металург му доаѓа новиот европски големец ПСЖ. Натпреварите од ЛШ ќе се играат во салата „Борис Трајковски“, а во живо со преноси ќе оди телевизија АЛФА, која ги откупи ТВ правата за ЛШ.
За да биде сѐ во знакот на ракометот, ќе се погрижи и женскиот тим на Вардар, со успешен настап во квалификациите за пласман во елитното женско натпреварување. Турнирот се игра во Салерно на 14 и на 15 септември, а вардарки ќе се потрудат Скопје да има 3 екипи во ЛШ, што би бил единствен пример во историјата на ова натпреварување, еден град да има три претставници.
Во меѓувреме, за загревање на 7 септември Вардар и Металург ќе играат меѓусебе во рамките на СЕХА лигата на само еден ден пред македонскиот празник. На 8 септември Македонија слави 22 години независност, а спортот ќе има значаен удел во прославата.
И на фудбалски план ќе има што да се види во септември. Веќе на шести во Скопје ќе ни гостува Велс, со веројатно најскапиот играч на денешницата, Герет Бејл. Извонредниот велшки репрезентативец потпиша за Реал Мадрид за неверојатна сума од над 90 милиони евра. Скопје ќе биде првата дестинација за 23-годишниот играч по завршувањето на спортската сага и трансферот во „кралскиот клуб“. Само 4 дена подоцна на реванш ни доаѓаат „храбрите срца“ од Шкотска во уште еден фудбалски натпревар за уживање.
Двата дуели со островските репрезентации се во рамките од квалификацискиот циклус за пат во Бразил на Мундијалот закажан за следната година. Билетите не се скапи и чинат од 100 до 200 денари, па вреди да се проследат во живо на „Филип втори“ арената. Сите што нема да бидат присутни на македонската спортска убавица, можат да ги проследат натпреварите на МТВ, која ќе ги пренесува двата меча и со Велс и со Шкотска.
Покрај настапите на македонските репрезентации и екипи на меѓународен план, во тек се и дел од домашните првенства, па навистина септември и цела есен нуди извонредна спорстка програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





