| четврток, 6 декември 2018 |

Ивковиќ: За Србија се клучни натпреварите со Македонија и со БиХ

Литванија е фаворит број 1 во групата Б на Еевропското првенство во Словенија, а во Јесенице ќе се води израмнета битка за трите позиции што водат во вториот круг, смета српскиот селектор Душан Дуда Ивковиќ.

– Нашата група е најизедначена со една селекција што отскокнува со квалитетот, а тоа е Литванија. Сигурно е дека според составот што го имаат тие се кандидати и за медал, па и за самиот врв.  За Србија се најважни натпреварите од второто и третото коло против БиХ и Македонија. Тоа ќе биде циклус од три дена што ќе ја одлучи нашата судбина на ЕП и дали ќе патуваме во втората фаза. Ќе биде тешко, а голем успех е ако обебзедиме пат на Светското првенство. Во спротивно се знае, селекторот ќе биде виновен бидејќи така е најлесно – вели Ивковиќ за порталот „Мондо“.

Србија ќе стартува задутре против Литванија, а потоа популарните „орли“ ќе играат со БиХ и со нас за да го завршат настапот во групата Б со дуелите против Летонија и Црна Гора.

– Оптимист сум по природа, а сега имам и добра причина за такво нешто. Играме модерна кошарка, токму каква што и треба за големо натпреварување – вели Ивковиќ.

Еден од најтрофејните кошаркарски стручњаци во Европа, пред две години го оцени успехот на Македонија и четвртото место во Литванија како еден од најсензационалните резултати во историјата на Европското првенство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top