Предизборниот телевизиски дуел меѓу канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот ривал од СПД, Пер Штајнбрик, протече мирно, како и всушност самата изборна кампања досега, пренесува „Дојче Веле“.
– На Германија денес ѝ оди подобро отколку пред четири години – изјави сојузната канцеларка Ангела Меркел на почетокот на ТВ-дуелот, а за тоа е заслужна владата составена од нејзината Христијанско-демократска унија и либералите.
– Владата успеа да отвори работни места и земјата безбедно да ја води низ кризата – е ставот на Меркел. Канцеларката ги отфрли критиките на својот предизвикувач на изборите, Пер Штајнбрик, за новите задолжувања од 100 милијарди евра во последните 4 години.
– Не би требало Германија да биде претставувана во полоша светлина отколку што е вистински – реагираше канцеларката на обвинувањето.
Штајнбрик пак, акцент стави на социјално-политичките теми, упорно инсистирајќи на воведување општоважечка минимална сатнина од 8,50 евра во земјата, со цел вработените со полно работно време да не мора да бидат зависни од дополнителна државна помош.
Штајнбрик употреби остри зборови против Меркел во однос на нејзината политика кон Грција:
-На Грците не смее постојано да им се наметнува консолидирањето, на земјата и‘ се потребни економски имулси за повторно да застане на нозе“, критикуваше Штајнбрик. Ако Грција има потреба од трет пакет финансиска помош, тоа е знак за неуспешна политика на германската влада. Меркел контрираше – токму црвено-зелената влада на социјалдемократот Герхард Шредер беше таа што даде согласност за прием на Грција во еврозоната, и покрај тоа што во тоа време земјата не ги исполнувала потребните предуслови.
Меркел планира по 22 септември, денот на изборите, да ја продолжи коалицијата со досегашниот партнер Партијата на либералите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.