Главниот град на Македонија, Скопје, ќе биде единствениот град во Европа што ќе има два претставника во ракометната Лига на шампиони во машка конкуренција, а вистински предизвик е пред жанската екипа на Вардар да го дополни подвигот за да имаме вкупно три екипи во елитното натпреварување.
Вардар и Металург во машка конкуренција веќе се во друштво на кремот на Европа, а дамите во црвено-црните дресови допрва треба да го визираат патот кон ЛШ.
Во Салерно, Италија, избраничките на Индира Кастратовиќ на 14 и на 15 септември ќе се борат да ја направат сезоната 2013/14 незаборавна за спортот во Македонија, а Скопје да биде уникатен пример во историјата на ракометот, како единствен град со три екипи во Лигата на шампионите.
На мошне сликовит начин ракометниот бум на главниот град на Македонија го прикажа специјализираната веб-страница за ракомет „Балкан-хендбол“.
Со наслов „Скопје е ракометно Милано“ се прави споредба со фудбалска Италија и примерот на двата гиганти од Милано, Интер и Милан, кои се речиси редовни учесници во ЛШ иако годинава Интер нема да биде дел од елитата.
Мозаикот ќе биде комплетен, а Скопје на врвот на европската ракометна мапа со евентуален пласман во ЛШ и на женската екипа на Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.