
Под мотото „За МЗТ навиваме со МЗТ победуваме“ во понеделник, 2 септември 2013 година, под покровителство на Општина Аеродром почнува кампања за подигање на свеста кај најмладата популација за значењето на спортот за психофизичкиот развој на децата.
Заштитни лица на кампањата се музичарите Тони Зен, Марко Слаткаристика и Панчо од ДНК.
– Ако се земе предвид дека овие наши музичари се истовремено идоли на младата популација, сигурни сме дека со својот ангажман ќе придонесат за регрутирање на што е можно поголем број млади талентирани деца, или во најмала рака ќе поттикнат одредена група деца да почнат кошарката да ја користат како средство за рекреација, изјави директорот на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – Аеродром, Видоја Секулоски.
Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – Аеродром е еден од најстарите и најквалитетните кошаркарски клубови во Македонија. Потврда за нивниот квалитет се и бројните награди и досегашни победи, но пред сè учеството во Јадранската лига минатата година, одбраната на двојната круна во домашното првенство, како и учество во АБА лигата и во Еврокупот претстојнава сезона.
МЗТ има и своја младинска школа, како расадник на талентирани љубители на кошарката, а од 20-ти септември се планира и почеток на училишна лига „МЗТ Скопје – Аеродром“.
Крајна цел на кампањата е да се зголеми бројот на деца, кои рекреативно или професионално би се занимавале со спорт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


