Работникот на Елем турс Скопје, подружница Попова Шапка, од Голема Речица се здобил со сериозни повреди откако паднал од метален столб, информираше СВР Тетово. Работникот А.Р. паднал изутрината околу 10 часот и 30 минути од висина од околу шест метри откако од засега неутврдени причини загубил рамнотежа додека работел на метален столб од ски лифт во месноста Овчарски ливади на Попова Шапка.
Колегите го пренеле во Клиничката болница Тетово, но поради сериозноста на повредите тој веднаш бил однесен во Клиничкиот центар во Скопје. При транспортот повредениот бил контактибилен и надвор од животна опасност, но со сериозни повреди. Полицијата извршила увид и работи на откривање на причините кои довеле до падот на работникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


