По што друго е познат Охрид освен по природните убавини, големиот број туристички посети и црквите? Има уште работи за кои вреди да се проговори бидејќи туристите, но и научниците и истражувачите, кога ќе дојдат да го посетат Охрид за првпат, сигурни се дека има многу повеќе работи за запознавање, откритија и археолошки и историски локалитети од тоа што може да се види на прв поглед. Речиси секој може да биде сигурен во тоа бидејќи Охрид е многу повеќе од туристички центар. Тој е, пред сѐ, наше духовно светилиште во кое сите посетители го чувствуваат препознатливиот мир и глетка што е вистински рај за очи.

Само што ќе навлезете по калдрмата на охридските сокачиња во стариот дел од градот, со намера да се искачите до Самуиловата тврдина, наидувате на необична работилница за рачна изработка на хартија. Ако ја одминете вратичката или дрвената табла, патoказ може да ви бидат и листовите хартија на сушалката, кои се сушат пред вратата, на улица. Влезот е бесплатен, а сопственикот на оваа работилница љубезно ќе ви го објасни традиционалниот начин на кој ја произведува хартијата и како се печати на неа. Овој метод, кој се нарекува метод на пчелино гнездо, потекнува од древна Кина, а мене ми изгледа неверојатна помислата: како воопшто некој се сетил на нешто такво! Националната работилница „Св. Климент Охридски“ е лоцирана до Музејот на град Охрид (Куќата на Робевци) и има мисија да ја продолжи традицијата на рачна изработка на хартија, создадена како во времето на Гутенберг, а е во сопственост на Љупчо Панески. Приказната за настанувањето на оваа несекојдневна работилница почнува во далечната 1989 година, при посетата на Панески на Словенија, во рамките на Пактот за стабилност за почнување нов мал бизнис. При посетата на Словенија тој остварил контакти со луѓе што се занимавале со најразличен бизнис, некој со мал, некој со поголем. Пресвртница на целата приказна се случила при посетата на работилницата „Валвазор“ во Радече. Таму Панески поминал најголем дел од своето време. Во периодот до 1992 година, тој уште неколку пати ја посетил истата работилница, при што конкретно се вклучил во процесот на овој занает.
Потоа сопственикот на словенечката работилница, во неколку наврати, дошол во посета кај својот пријател од Охрид, при што се родила идејата за основање работилница за рачна изработка на хартија токму тука, од проста причина што Охрид е колепка на писменоста.
– Во тој период наидовме на големо разбирање од Паско Кузман, тогашен директор на Музеј на град Охрид. Тој вложи напор да изнајдеме соодветна локација, а како таква се покажа зградата на старото Климентово училиште. Со голем ентузијазам таму почна приказната, која трае до денес. Единствен проблем на кој наидовме, во сиот овој период, беше периодот кога поради одредени причини ни беше наложено да ги напуштиме просториите. Така се најде оваа просторија, во која работилницата опстојува и денес. Кај нас тешко се опстојува и егзистира од овој занает. Сето ова го работам со голема љубов и ентузијазам. Тоа е, навистина, разочарувачки, поради фактот што во земјите каде што има вакви работилници, тие функционираат перфектно. Кај нас дури ни самите институции, фирми или, пак, бизнисмени воопшто и не знаат дека постоиме. Жално е, затоа што нештата што јас ги изработувам можат да послужат како уникатен и несекојдневен подарок за делегациите и за гостите што доаѓаат во Охрид. Замислете само еден детаљ од нашиот прекрасен град, изработен на рачно произведена хартија, кај нас чини едно евро, додека истиот, на пример, во Италија чини 30 евра. Дипломите и благодарниците, пак, изработени на оваа хартија имаат многу посилен печат. Но, тоа кај нас не се цени. Во Словенија, на пример, тамошната работилница има склучено договор со државата, на нејзина иницијатива, и секоја делегација што доаѓа во земјата, задолжително ја посетува оваа печатница. Нормално, за тоа се наплаќа и билет. За возврат, на еден многу убаво изработен пергамент се втиснува името на посетителот и тоа чини 10 евра. Ним не им е потребна ниту посебна продажба, ниту реклама ниту што било за да егзистираат перфектно – раскажува Панески.

Работилницата почнала со работа од 23.10 2002 година, што значи успешно функционира веќе цели десет години.
– Особено задоволство претставува што работилницата ја отвори починатиот претседател на Република Македонија, господинот Борис Трајковски – на кој ние му го дадовме првиот произведен и печатен лист хартија со портрет на Александар Велики. Нашата основна мисија и дејност е рачна изработка на хартија и производи од неа. Има туристички карактер, на посетителите, практично, им прикажуваме како се одвива изработката во неколку минути, со познавање на историјата на хартија и методот на печатење на Гутенберг. Методот на печатење е идентичен како на првиот примерок од Библијата од 15 век. Овој метод на печатење е ретка и автентична копија на оригиналот, што е во музејот во Мајнц – Германија и воедно работи на ист начин. Морам да споменам дека туристите од мигот кога ќе влезат се одушевени и речиси никој не заминува барем без еден примерок печатена хартија, а најчесто и со различни апликации, кои, исто така, ние ги изработуваме, а неретко и најразлични сувенири што може да се најдат во нашата работилница – вели Пановски.
Работилницата сѐ уште го користи методот во изворната форма, кој воедно го користел Гутенберг.
– За изработка на хартијата го користиме методот што датира од 2 век пр.н.е. од Кина, методот на гнездо на пчели (CALD). Оригиналноста на овој метод на изработка на хартија дава посебна уникатност и вредност. Се применува со вертикални сечкања на срцето на дрвото за мали конци – стрингови (60-80 микрони) со специфичен агол. На аголот на сечкање поединечно се означени микроните и тие се различни во секое дрво, во зависност од неговата старост. Некои велат дека осилото на пчела има совршена природна структура. Плетењето е природно, без користење какви било хемикалии, лепила, смола или други супстанции. Подготвената супстанција се става во специјална дрвена рамка, со посебно сито (дрвено со метална мрежа) така што оваа супстанција од која се изработува хартијата се цеди од водата и потоа се поставува на површината на дрвената рамка. Листот се формира (во зависност од обликот на сито при што важно е да се спомене дека има четири формати на сита). Ние ги користиме сите на различен начин: памук, коноп, бамбус, трска итн. Според нас, најквалитетна е хартијата што произлегува од дрвото на цреша и неа најчесто ја користиме за хартиените листови, кои по ставањето во рамка обично се сушат 23-31 ден, со мешање, тие природно се комбинираат идентично како кога пчелата плете конци во гнездото – раскажува Љупчо.
Овде се изработуваат широка палета производи од хартија, пред сѐ сувенири, кои се продаваат. Со апликациите што ги ставаат на хартија, како четирите евангелија и други извадоци од Библијата и од животот на првите христијани, овие производи сами по себе имаат автентична вредност, како и најразлични икони и фрески, слики на познати светци кон кои охриѓани и граѓаните од сите краишта во земјава и пошироко негуваат посебен пиетет. Потоа има тетратки со дебели кожени корици, кои се нивно сопствено производство, различни апликации за моливи и други помагала, рамки за слики со мотиви од христијанството, значки, кои се особено популарни за младите, најразлични други школски предмети, црно-бели слики и слични производи, кои се прилично барани од нашите верни посетители, кои наминуваат секогаш кога ќе бидат во Охрид.
За декорација на хартијата во коритото со супстанцијата користат природни адитиви: суво цвеќе, свила од пченка, сламки од пченица, парчиња од дрво, делови од трска од езерото, гинко, магдонос итн. За боење на хартијата се употребуваат чисто природни бои од цвеќиња и лисја. Постојат четири основни бои, а со мешање се добиваат околу 16 нијанси.

Еден рачно изработен лист чини од едно евро, па до едно и пол евро. Може да се каже дека листовите со отпечатени извадоци од Библијата и од евангелијата се движат до кај три евра, а исто толку чинат и хартиените листови со различни христијански мотиви и охридски пејзажи, како и фотографирани кадри од охридската архитектура. Малку поскапи се кожените тетратки или роковници, кои се движат од 10 до 15 евра, во зависност од големината.
– Хартијата ја добиваме од чистата срцевина на дрвото. Тоа се делка вертикално, секогаш под агол што го определуваат годовите на староста на дрвото. Тие се различни кај секое дрво. Така исечканите честички, потопени во вода, за три до четири недели сосема природно се врзуваат, исто како што осата ги врзува честичките во своето осило. Затоа и методот го носи називот метод на осино гнездо. Во принцип, за изработка на хартија се користат поцврстите видови дрво, како што се: даб, орев, цреша, костен, а може и смрека – објаснува Пановски.
Најбитни моменти во процесот на изработката на хартијата се начинот на делкање на дрвото и колку долго тие честички стојат во вода. Потоа со сито се црпе од пулпата и остануваат тие влакненца во облик на лист, кои се нанесуваат на обично платно од памук и од лен. Тоа се суши два дена и потоа се одвојува од филцот. Последната фаза е рамнењето, каде што се користи преса. Така се добива готов лист хартија, кој е многу поквалитетен од другиот и на кој може да се пишува, црта и печати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


