| четврток, 6 декември 2018 |

Шеќеринска: Извештајот е полноважен, ВМРО ДПМНЕ: Правните квалификации се играчка за деца

gruevski-zaev-komisija08

Потпретседателката на опозиционата СДСМ Радмила Шеќеринска смета дека забелешките на членовите на комисијата за 24 декември по едногласното усвојување немале никакво влијание на полноважноста на извештајот.

–       Уште еднаш потенцираме. Извештајот за 24-ти Декември е едногласно усвоен и потпишан од сите членови на комисијата. Ставањето на забелешка при потпишувањето на Извештајот од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата, по неговото едногласно усвојување, нема никакво влијание на полноважноста на Извештајот, ни политички, ни правно, вели Шеќеринска дополнувајќи дека и претседателот на Собранието Трајко Вељановски треба да си поднесе оставка..

На изјавата на Шеќеринска реагираа од ВМРО ДПМНЕ кои ја обвинија дека повторно изнесува невистини за Извештајот за 24 декември.

Немало гласање, туку со акт на потпишување, извештајот бил прифатен. За членовите Илија Димовски и Благородна Дулиќ, а на знаење на Љубомир Фрчкоски и Рената Тренеска-Десковска, правните квалификации не биле прифатливи. Секој во Република Македонија има право на слободна изразена волја, што членовите на Комисијата, Илија Димовски и Благородна Дулиќ, го направиле со јасна и прецизна форма, изразувајќи несогласност со правните квалификации. Радмила Шеќеринска нема право да ја одзема, ниту ограничи слободата на изразување на било кого, ниту пак да го наметнува своето лично мислење на некој друг како апсолутна вистина. За ВМРО-ДПМНЕ правните квалификации се неприфатливи, а ќе продолжиме да работиме на реализација на препораките произлезени од извештајот. ВМРО-ДПМНЕ е сигурна дека евро-комесарот Штефан Филе преку Канцеларијата на ЕК во Скопје знае и за изјавите на ВМРО-ДПМНЕ и за оградувањето од правните квалификации со потписите во извештајот. Во делот на т.н. правни квалификации, на СДСМ му дадовме безвредно лижавче на кое тие можат да продолжат да се радуваат. Штом СДСМ не може да се израдува на победа на избори, барем нека се израдува на безвредни правни квалификации во  форма на играчка за деца. За нас е значајно што успеавмеда затвориме уште едно важно прашање од доменот на европските интеграции. Ако СДСМ и луѓето во СДСМ се незадоволни од Извештајот, тогаш тоа е нивен внатрепартиски проблем, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top