Германската канцеларка, Aнгела Меркел, апелираше до Германците да ги прифатат повеќеилјадните сириски бегалци кои треба да пристигнат следниот месец.
Германија веќе најави дека може да прими уште 5 илјади бегалци кои ја напуштаат татковината зафатена од граѓанска војна.
– Барам од Германците да ги прифатат бидејќи сите знаат низ што сѐ не поминале. Германија стои со нив најдобро што може – порача Меркел во интервју за „Мителбајерише цајтунг“.
Канцеларката, која на 22 септември ќе се обиде по трет пат да го освои мандатот, посочи дека Германија од 2012 година обезбедила хуминитарна помош за Сирија во висина од 340 милиони евра.
Бројот на сириски бегалци во Германија до крајот на годинава вкупно ќе изнесува околу 13 илјади. Минатата недела полицијата мораше да интервенира да ги раздвои неофашистите од антифашистите кои се собраа околу новото прифатилиште за азиланти во Берлин. Во него веќе се сместени 80 лица од Авганистан, Сирија и од Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


