
Македонското вино, грозје и домати ќе бидат први на удар, откако српското министерство за земјоделие ќе воведе реципрочни што ги подготвува поради ограничувањето на увозот на брашно и пченица од страна на македонската Влада, пишува денеска весникот „Новости“.
Во текстот се потсетува дека ова не е прв пат Македонија да го ограничува увозот од Србија, што според изјавата на советникот за земјоделство во Стопанската комора на Србија, Милан Простран, е показател дека земјите потписнички на ЦЕФТА не се подготвени во целост да ги отворат своите пазари.
– Сакавме да избегнеме трговска војна, која не е добра за двете страни. Но ние мораме да го заштитиме домашното производство, вели Данило Голубовиќ, државен секретар во министерството за земјоделство.
Тој вели дека досега биле толерантни, но македонската страна го „крши договорот за слободна трговија“.
Сакавме проблемите да ги решаваме преку институциите на ЦЕФТА. Бидејќи нашите соседи не ја укинаа уредбата за ограничување на увоз на земјоделските производи, принудени сме да реагираме и да го ограничиме увозот на македонско вино, грозје и домати, вели Голубовиќ, за „Новости“.
Во Стопанската комора на Македонија сметаат дека не е прекршен договорот на ЦЕФТА, бидејќи постојат клаузули со кои домашната економија може да се заштити до 200 календарски дена, а тој рок се уште не е поминат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


