Однесувањето на СДСМ е штетно за Македонија. Социјалдемократскиот сојуз според начинот на однесување очигледно со полни сили работи на уривање на меѓународниот углед на Република Македонија, во пресрет на Извештајот од Европската Комисија – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски .Тој вели:
-Се доби некаков впечаток дека кога дојде Зоран Заев се отвори една атмосфера каде што се најави дека е можен компромис и соработка, но сега наеднаш како СДСМ да се повлекува од тоа и повторно се случуваат работи кои не водат никаде и штетат на Република Македонија. Со ова тие само ја предизвикуваат власта да нема никаква друга опција и да мора да распишува предвремени избори. Многу беше важно да се постигне договор во пресрет на оној извештај којшто треба да пристигне од ЕУ за напредокот на Македонија.
Тој потенцира дека ова не е само за ВМРО-ДПМНЕ или само за СДСМ, туку е за Република Македонија. Дополнително, несфатливо е зошто СДСМ ја насочи својата енергија кон вакво сценарио, доколку се има предвид дека јасно беше укажано, ако нема договор за 24-ти декември, тогаш неминовен е извештај кој нема да биде позитивен. Работењето со полни сили кое ќе се одрази на меѓународниот углед на земјава, според познавачите СДСМ го прави со надеж дека може брзо да ја сменат власта, но досега се покажа дека ваквото нивно делување единствено и нанесуваат огромна штета на државата и на сите нејзини граѓани, а оди во корист на оние кои не и посакуваат добро на земјава.
По четири позитивни извештаи по ред и препораки за почеток на преговорите, нашата земја се соочува со евентуален негативен извештај, кој можно е да значи и одземање на препораката за почеток на преговори. Ваквото однесување на опозицијата ќе и нанесе голема штета на земјава на меѓународен план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


