| четврток, 6 декември 2018 |

Бакрачески се сретна со израелскиот амбасадор Јоси Амрани

Амбасадорот на Израел во земјава,  Јоси Амрани, вчера беше во посета на општина Охрид при што оствари средба со градоначалникот Никола Бакрачески.

Израелскиот дипломат се интересираше за актуелната ситуација во општината и потезите кои ги влече новата локална самоуправа, додека градоначалникот Бакрачески високиот гостин го информираше за напорите кои општината ги прави за конечно да ја одблокира општинската сметка и модусите на економски издржано сервисирање на долгот кон доверителите, притоа изложувајќи ја стратегијата за економски развој на Охрид.

Во таа насока Бакрачески го запозна израелскиот амбасадор со плановите за развој на медицинскиот туризам, кој може да најде интерес кај потенцијалните израелски бизнисмени, а секако и вложувања во други стопански гранки, кои Охрид може да ги понуди на заинтересираните инвеститори.

Воодушевен од убавината и потенцијалите кои ги има Охрид, амбасадорот Амрани истакна дека Охрид заслужува промоција во највлијателните меѓународни медиуми и ја понуди својата добра волја, да помогне оваа цел да биде реализирана.

Амрани најави дека наскоро поголема група израелски новинари ќе го посети Охрид и сугерираше стратегија за привлекување на гости од Северно-американскиот континент од таканаречената „Бејби бум“ генерација.

Заблагодарувајќи се на добронамерните сугестии, градоначалникот Бакрачески ја истакна увереноста дека во иднина  од ваквите средби ќе произлезат конкрети економски проекти и поголема застапеност на израелските бизнисмени и туристи во Охрид.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top