| четврток, 6 декември 2018 |

УЕФА има различни аршини, сега ќе го истражува инцидентот со знамето во Гелзенкирхен (видео)

УЕФА покрена дисциплинска постапка против Шалке 04 за инцидентот во Гелезенкирхен на дуелот со ПАОК во квалификациите за ЛШ, кога навивачите на германскиот тим и покрај интервенцијата на полицијата не дозволија да им биде одземено македонското знаме со симболот на Вергина, истакнато на трибината. Во акцијата на специјалците има и повредени, а поради политички мотиви европската куќа на фудбалот ќе го истражува случајот. И тука нема ништо спорно, бидејќи според актите на УЕФА политиката е забранета на стадионите, но секако е спорно дали секогаш се постапува така ревносно и со исти аршини.

И претходно имало слични случаи, а идентична ситуација имаше и на дуелот во Ларнака меѓу Антортозис и Вардар игран на 2 август 2007 година во квалификациите за тогашниот УЕФА куп, сега преименуван во Европа Лига.  И тогаш навивачите на кипарскиот претставник истакнаа парола со политичка порака на која пишуваше „Македонија е грчка“. На интервенција на претставникот на Вардар да се отстрани транспарентот, за кус период беше сторено истото по налог на делегатот на натпреварот, но потоа повторно беше истакната истата парола. И по се, УЕФА НЕ ПОКРЕНА дисциплинска постапка против Анортозис.

Сега ќе има истрага против Шалке, а најсмешно од се е објаснувањето на шефот на полицијата, Клаус Шицер. Акцијата на полицијата која раководството на клубот ја оцени како апсолутно непотребна и со употреба на несразмерна сила, тој ја оправда со некаква закана од страна на навивачите на ПАОК. Ги имаше околу 2 илјади, а се заканиле дека ќе ги нападнат домашните навивачи и ќе им го одземат транспарентот со македонското сонце од Кутлеш. За да немало инвазија на грчките навивачи, полицијата од Гелзенкирхен влета во војна со домашните симпатизери, кои и покрај се не дозволија да им биде одземено знамето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top