| четврток, 6 декември 2018 |

Депонијата „Дрисла“ не може да работи со италијанскиот партнер

drisla dogovor

Градот Скопје поднел жалба до Врховниот суд по пресудата на Управниот суд, кој го поништил договорот за заедничко партнерство за депонијата „Дрисла“, кој беше договорен меѓу италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“ и Градот. Договорот беше вреден 74 милиони евра, а требаше да резултира со модерен третман на скопското ѓубре, од кое депонијата ќе произведуваше струја. Договорот меѓу двете страни пред Управен суд го оспори германскиот конзорциум „Шолц“, фирма која беше второрангирана на тендерот.

Од Управниот суд велат дека има одлука со која продажбата е прогласена за неважечка, а против одлуката има поднесено жалба.

– Целата постапка за „Дрисла“ беше според сите законски прописи. Не сакам да ја коментирам одлуката на Управниот суд, но ние ја обжаливме пред Врховниот и очекуваме тие наскоро да пресудат – изјави денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Според него, избраниот партнер за „Дрисла“ ги исполнува сите технички и финансиски критериуми кои се барале во тендерот.

Договорот меѓу Град Скопје и италијанската фирма беше потпишан на 4 јануари годинава, а две недели подоцна „Дрисла“ од јавно претпријатие е трансформирана во ДОО во сооднос 80 отсто „ФЦЛ Амбиенте“ и 20 отсто Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top