Ѓорѓи Маленков, Македонец, премиер на СССР во времето на најголемата затегнатост на односите меѓу Тито и Сталин е клучната фигура, која спречила да дојде до напад на Советскиот сојуз врз Југославија. Овие сознанија, кои денес ги обајви американската разунавачка агенција НСА, беа објавени во неделникот Република во бројот од 22 март оваа година.
Во целост го реобјавуваме тој текст од неделникот Република:
Сосема бенигно, по малку навино, во македонските медиуми се појави веста дека Македонец бил советски премиер. Уште една интересна вест за успехот на Македонците во светот. Но, кога решивме малку повеќе да прокопаме по животот, кариерата и предците на Ѓорѓи Максимилијанович Маленков, претседателот на советот на министри на СССР, дојдовме до апсолутно фасцинантна животна сторија.
Маленков не само што е Македонец, туку и човек што имал директно влијание врз животот на денешна Македонија – и не само на Македонија, туку и на светската историја!
Зад грбот на советскиот лидер: „Тито… Хрушчов ќе ве нападне!“
Кој е Маленков и како стигнал да биде еден од двајцата најмоќни луѓе во светот на почетокот од 50-тите години на минатиот век, ќе разгледаме подолу во овој текст. Македонецот Маленков, во еден клучен момент од историјата, има директен придонес зошто тогашна Народна Република Македонија, заедно си сите други републики на СФРЈ не станала уште една советска колонија.
Драмата се случувала во екот на Студената војна, во втората половина на 50-тите години на минатиот век. Тоа е периодот кога двете суперсили САД и СССР се натпреваруваат во освојување на вселената и во создавање на што е можно посилно атомско оружје. Во Југославија, пак, Тито, тајно го создава Голи Оток, каде што главни жртви се комунисти блиски на СССР, но и патриоти на републиките, кои бараат поголема демократија. Особено на удар се припадниците на РИБ (Резолуција на Информбирото) за кои југословенската УДБА сите ги смета за агенти на НКВД (претходникот на советската тајна служба КГБ). Во тие пеколни моменти за светот, неверојатна храброст покажуваат Унгарците – се дигаат на вистинско востание против Москва. Во таа 1956 година, СССР е принуден на интервенира. Москва ги праќа тенковите кон Будимпешта. Директно е загрозена неутралната Австрија, но и Југославија. Но, воените стратези добро знаат дека за удар од јужната страна на западна Европа од критично значење е да се има под контрола една земја, Југославија.
Во овој период нашиот Ѓорѓија веќе ја загубил премиерската функција во СССР од украинскиот земјоделец Никита Хрушчов, но сè уште ја имал моќта. Хрушчов морал да го информира за сè.
Двајца ноќни гости на Бриони
Без каква било најава (за ова не дознал тогаш ниту еден медиум), специјален „тупољев“ слетал на аеродромот на островот Бриони, ноќта меѓу 1 и 2 ноември 1956 година. Авионот носел двајца посебни гости, заедно со десетина телохранители на НКВД. На аеродромот лично ги пречекал Тито, претседателот на СФРЈ. Во неговата вила веднаш почнале разговорите меѓу тогашното двоглаво водство на СССР, Никита Хрушчов и Ѓорѓи Маленков, со апсолутниот владетел на Југославија. Но, двајцата гости имале сосема различни намери. Едниот, како лидер на советските комунисти, Хрушчов, го опипувал пулсот на маршалот за да утврди како ќе се однесува Југославија ако дојде до судир со некоја од земјите на НАТО.
Другиот, Маленков, во паузите, кратко му дошепнувал на Тито: Задутре (4 ноември) влегуваме во Унгарија. Ако има потреба, Хрушчов ќе нареди напад и на вас!
Тито не чекал ни минута, веднаш по заминувањето на гостите, го информирал Вашингтон за плановите на Советите.
Сега ќе застанеме тука, да се вратиме три години наназад на еден договор, кој е малку познат во нашата јавност. И за денешни и за тогашни услови, овој пакт е крајно неверојатен – воен сојуз меѓу една социјалистичка и две капиталистички држави, но крвни непријатели. Под патронат на САД – Југославија, Грција и Турција во Анкара на 28 февруари 1953 година потпишале т.н. договор за воена соработка.
Токму за ова Тито му се јавил на Вашингтон, веднаш по предупредувањето на Маленков. Дали договорот ќе значи и помош на Југославија од Грција и од Турција, ако СССР реши своите тенкови по Будимпешта да го наврти накај Белград?
Што одговориле Американците, до денес не е познато. Но, советските трупи, откако го скршиле отпорот на унгарските востаници, таму и останале. СФРЈ, пак, дискретно се сврти кон Запад и почна да добива огромна финансиска помош во форма на кредити. Со тие пари, Тито го почна економското чудо во Југославија. Тоа ја определи и судбината на Македонија.
Кои се Маленкови?
Но, да се вратиме на историјатот на нашиот јунак. Ѓорѓи Максимилијанович Маленков во Русија никогаш не го криел своето потекло. Така стои во руските документи. За неговиот прв предок што дошол од Македонија не се знае многу. Во руските архиви, стои само презимето Маленков, понатаму дека е роден во Македонија (во Охрид) и дека бил наградуван војник во руската царска војска за време на позната императорка Екатерина Велика. И денес во Охрид живее познатото семејство Маленкови, кое има многу членови и гранки. Секако, од нив најпознат е поранешниот најдобар македонски пливач Александар Маленко. Кога ќе се земе временскиот период и фактот дека тој Маленков бил војник, најверодостојна претпоставка е дека се работи за еден од потомците на востаниците на Петар, во нашата историја познат како Карпош. Колку за потсетување, Карпошовото востание се случило во 1689 година. По набивање на кол на Карпош, огромен број востаници, сосе нивните семејства се населиле во Војводина. По нецел век живеење таму (Војводина тогаш е австро-унгарска провинција), голем дел од нив решиле да заминат за Украина (тогаш дел од Руската Империја). Најверојатно предокот на Маленков, како и многу други Македонци, стапиле во редовите на Руската армија. Тогаш во 1759 година, царицата Елисавета Петровна го формирала Македонскиот гусарски полк. Македонските војници биле многу успешни, а дел од нив стигнале до генералски чинови. Извесно е дека еден од нив бил првиот Маленков од нашава приказна. Тоа се гледа по тоа што тој Маленков добил статусот на дворјанин од наследничката на Елисавета, Екатерина Велика, а потоа и чин полковник на руската армија. Братот на првиот Маленков, за кого, исто така, нема име во архивите, стигнал до чин контра-адмирал. Можеби затоа првиот Маленков, во знак на благодарност, на еден од неговите синови им дал германско име – Максимилијан (руската царица Екатерина била Германка по потекло). Тој Максимилијан Маленков развива голем бизнис, отвора фарма во родниот град Оренбург. При крајот на својот живот, во 1901 година, добива син, нашиот јунак, Ѓорѓи Маленков.
Ѓорѓија имал сосема поинакви планови во животот. Сакал да стане инженер, ја завршил Московската висока технолошка школа, но го понела политиката. Имал сосема спротивни политички погледи од татко му, капиталист. Ѓорѓи учествувал во Октомвриската револуција, а во 1920 година станал и официјално член на Комунистичката партија. Бил назначен за политички комесар во Туркестан, централна Азија. Во овој период ја запознал животната сопатничка Валерија Голубцова, исто така ќерка на руски капиталист од времето на царството. Такво потекло имал и Владимир Илич Ленин, а Валерија била во роднинска врска со него. Ова ќе се покаже како мошне значајно во политичката кариера на Ѓорѓи.
Сталиновата десна рака
Маленков брзо напредувал во својата кариера. Бил поставен за партиски секретар на Високата техничка школа во Москва, каде што претходно студирал. Таму ги запознал и станал близок пријател со Вјачеслав Малишев и со Игор Курчатов, двајца клучни научници во советската нуклеарна програма. Токму Маленков подоцна ќе им биде претпоставен на овие двајца, кои прво ја создаваат првата советска атомска бомба, а потоа (во време кога Маленков е премиер) и првата советска хидрогенска бомба.
Во овој период, Сталин го забележал Маленков и му ја доверил една од најзначајните задачи во советската империја. Маленков станал шеф на Оргбиро (Организациско биро за надзор на партиските членови комесари). Македонецот со својот тим направил повеќе од два милиона досиеја за членовите на Комунистичката партија. Знаел сè за секого. Тоа го направило исклучително моќна личност во СССР.
Неговата позиција направила да биде речиси неизбежен судирот со Николај Јежов, шефот на тајната полиција НКВД (претходник на КГБ). Маленков успеал да го урне Јежов.
Во текот на Втората светска војна бил дел од Комитетот за одбрана на државата, мала група политичари во која бил и злогласниот Лаврентиј Берија и кои ја имале сета моќ во државата по Сталин. Клучната задача на Маленков бил надзор на производството на авиони, како и на советската нуклеарна програма. По војната, Маленков бил организатор на носењето на германски нацистички научници во Русија, истите што за Хитлер ги создале ракетите „В2“ со кои беше бомбардиран Лондон. Тој станува клучна личност во претворањето на СССР во атомска сила, што го завршил исклучително успешно. Ова му дало најголема моќ во државата по Сталин.
Смртта на Сталин во 1953 година го исфрлила Маленков како единствен кандидат за негов наследник.
Сталинист и реформатор
Маленков како личност е често контроверзен. Имено, тој останал сталинист до крајот на својот живот, но сметал дека во земјата треба под итно да се спроведат реформи. Како премиер се залагал за зголемување на производство на потрошувачките добра. Иако, како клучна личност во советската атомска програма, откако било создадено нуклеарното оружје, тој се спротивставил на натамошно трошење пари за научно истражување во оваа област. Како што рекол на партиска говорница во Кремљ, „нуклеарното вооружување е бесмислено бидејќи нуклеарна војна ќе го уништи светот“.
Токму поради ова спротивставување не бил избран за генерален секретар на Комунистичката партија. Тоа место успеал да го земе украинскиот полуписмен селанец Никита Хрушчов. Од 1953 година, кога Маленков станал премиер, до 1955 година, кога ја загубил функцијата, е познат како период на диумвират или двојно водство. Маленков и Хрушчов морале да ја делат власта, иако и двајцата имале мошне различни политички гледишта. Во 1960 година Маленков бил исфрлен од комунистичката партија, но останал жив, за разлика од други сталинисти, кои биле стрелани, како Лаврентиј Берија.
Контроверзен каков што бил целиот живот, Маленков по завршувањето на својата кариера станал – побожен човек! Заедно со неговата ќерка почнале да градат цркви низ Русија. Починал во 1988 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.