| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкуловска: МВР има докази за обвинетите за Македонски пошти

Gordana_jankulovska-604x272Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не исклучи можност за проширување на истрагата во врска со кражбата во „Македонска пошта“ доколку за тоа се обезбедат дополнителни докази.

– Во оваа фаза МВР обезбеди докази за овие 10 лица. Токму поради тоа кривичната пријава ги опфаќа овие лица. Во оваа пригода сакам да појаснам дека секогаш кога станува збор за кривично дело, ние одговорноста треба да ја гледаме и кај оние кои требало да ги обезбедат условите тоа да не се случи и се разбира кај директните извршители – изјави министерката Јанкулоска одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на проектот за обнова на 100 пешачки премини во Кисела Вода.

Запрашана дали МВР има сознанија дека имало вакви пропусти во останатите грабежи на „Македонска пошта“, Јанкулоска истакна дека пред поднесување на кривична пријава не ги коментираат сознанијата и оти за последниот случај тие се презентирани откако пријавите веќе биле поднесени.

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 10 лица од Скопје, А.С.(31), З.Ј.(50), Г.А.(27), И.А.(40), Б.И.(32), Р. Џ.(29), Н.Б.(30), И.П.(41), В.Б.(48) и В.Т.(49), инаку сите вработени во АД  „Македонска пошта“ поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата предвидено и казниво по член 353-в од КЗ на РМ.

Кривичното дело го извршиле во својство на службени лица на тој начин што со пропуштање на должниот надзор и несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности, овозможиле на 26.07.2013 година во 07.15 часот на ул.„Кемал Сејфула“ во Скопје, во пошта Чаир две непознати маскирани и вооружени лица да извршат кривично дело разбојништво и да одземат 13.660.000 денари, со што се стекнале со противправна имотна корист. Со тоа ја оштетиле не само  АД „Македонска пошта“, туку и  Република Македонија бидејќи станува збор за претпријатие во државна сопственост, стои во соопштението од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top