На тенискиот турнир во Синсинати, што се игра за мастерс-серијата, во четврт-финалето ќе се сретнат најголемите ривали во последните години Роже Федерер и Рафаел Надал.
Двајцата фаворити потешко од очекувањата се пласираа во четврт-финалето откако ги победија своите противници Томи Хас и Григор Димитров. Надал со 2-1 ( 6-2, 5-7, 6-2 ) го совлада бугарскиот тенисер Димитиров, додека Федерер со ист резултат 2-1 ( 1-6, 7-5, 6-3 ), но со целосен пресврт го победи ветеранот Томи Хас.
– Чувството да се игра против Федерер е прекрасно. Имаме повеќе мечеви одиграни еден против друг кои биле фантастични. Малку е чудно што овој меч се игра во четврт-финале. Секогаш нашите мечеви биле борба за титула. Се надевам дека навивачите ќе уживаат како и секогаш – изјави Надал во пресрет на денешниот меч.
Во останатите четврт-финални мечеви силите ќе ги одмерат првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ против домашниот тенисер Џон Иснер, Енди Мареј против Томаш Бердих и Дел Потро со Турсунов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.