| четврток, 6 декември 2018 |

Поради овие причини може да добиете отказ

Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина).

Доколку работодавачот го откажува договорот за вработување,негова должност е  да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

Основани причини за отказ

Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако:

1)   работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или

2)   работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и

3)   престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

 

Неосновани причини за отказ

 Неосновани причини за откажување на договорот за вработување се:

1)   членство на работникот во синдикат или учество во синдикални активности во согласност со закон и колективен договор;

2)   поднесување на тужба или учество во постапка против работодавачот заради потврдување на кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски и управни органи;

3)   одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство и нега на член на семејството;

4)   користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор;

5)   отслужување или дослужување на воен рок или воена вежба и

6)   други случаи на мирување на договорот за вработување утврдени со Законот за работни односи.

 

Автор: Александар Георгиев
Извор: ПРАВДИКО

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top