Грција стравува историската неправда што му ја нанесе на македонскиот народ да не ѝ се врати како бумеранг и да не дојде до разбивање на систематски градената хомогенизација на грчкото општество. Затоа се толку детински децидни и неумоливи, вели професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Иванка Додовска.
За најголемиот дел од стручњаците премиерот на Грција Андонис Самарас испрати очекуван одговор на писмото на македонскиот премиер Никола Груевски. Сепак, едни го толкуваат како позитивен пресврт во полза на Македонија, а други, пак, како момент по кој дополнително ни е влошена положбата. Како Вие го толкувате одговорот? Може ли да се прочита некоја скриена порака?
ДОДОВСКА: Во однос на одговорот на писмото на македонскиот премиер Груевски од страна на грчкиот премиер Самарас, јас повеќе би рекла дека не е толку важно тоа што за нас беше очекуван, туку повеќе дека со една огромна доза на невнимателност и на ароганција топката за неинтегрирањето на Република Македонија во европското семејство тој ја префрли токму на претставниците на овие меѓународни клубови. Ова, во секој случај, е дипломатски преседан бидејќи токму највисоките претставници на ЕУ мошне срдечно и со големо одобрување ја поздравија иницијативата за поефикасно решавање на наметнатиот спор од Грција за уставното име на Македонија, која ја упати токму македонскиот премиер Никола Груевски. Оттаму, сметам дека освен што потегот на грчкиот премиер ја подигна правливата завеса и со тоа самиот го покажа лицемерството на грчката „добронамерна“ позиција за подобрувањето на добрососедските односи со Република Македонија, ги стави во мошне незгодна ситуација и пријателски настроените европски партнери и ширум ја отвори Пандорината кутија во која долго време се чуваат причините поради кои никако не може да случи решавањето на македонското прашање. Ако ги погледнеме работите од поширок кадар, тогаш секако дека главната порака што ни е испратена со одговорот од грчка страна гласи дека „што и да направите, ние не ве прифаќаме, сѐ додека самите не се избришете и не престанете да постоите“!
Сметате ли дека со делот од одговорот на Самарас во кој се вели „не барајте ја вината во нас, туку во ЕУ“, паѓаат во вода оправдувањата на НАТО и на ЕУ за запирање на евроатлантските интеграции на Македонија?
ДОДОВСКА: Одговорот го дадоа самите меѓународни организации со својот молк по објавувањето на деловите од писмото на Самарас.
НЕЧУЕНО Е НЕКОМУ ДА МУ ДОКАЖУВАМЕ ДАЛИ ПОСТОИМЕ ИЛИ НЕ
И во минатото сме имале повеќе вакви кристално јасни ситуации во кои се гледа која страна е конструктивна, меѓу кои и пресудата во Хаг, кои не биле сериозно сфаќани од меѓународната заедница. Ќе знае ли Македонија овој пат да ја искористи ситуацијата во своја полза и имаме ли, конечно, доволно адути да ѝ покажеме на светската јавност кој, навистина, не сака решение?
ДОДОВСКА: Пред сѐ, мораме да разбереме една работа: „ако прифатиме дека меѓународното право произлегува од рационалното однесување на државите при постигнувањето на целта да ги зголемат своите интереси, а при тоа, земајќи ги предвид и интересите на другите држави при поделбата на државната моќ“, тогаш сосема е јасно дека потезите што ги презема Република Македонија во врска со наметнатиот спор од страна на Грција за нејзиното уставно име секогаш имале позитивно и конструктивно влијание. Проблемот не е во тоа! Суштината на оваа ситуација во која е ставена нашата држава се состои во фактот што Грција има специјален однос со западна Европа уште од времето кога европските сили ја создадоа оваа земја во XIX век. Таа за нив претставува плод на едно романтично вљубување со корените врз кои почива денешната европска цивилизација. Тоа што истото тоа вљубување, кое ние политиколошки го категоризираме како „хеленоцентрично“ е во голема мера историски некоректно, за големите европски држави е сосема небитно. Секој проучувач на дипломатската историја на Европа од XIX век ќе ви потврди дека германската историографија го втемели овој правец на размислување и оттаму немојте да очекувате дека сега ќе ги искинат сите материјали и книги што ги создадоа во текот на речиси цели два века за да излезат праведни кон еден мал народ и една уште помала држава. Ако ме прашувате дали Македонија овој пат ќе умее да ја искористи ситуацијата во своја полза и дали се доволни адутите за да ја побараме правдата од страна на почитуваната светска јавност, лично сметам дека ние не сме во позиција да бараме правда бидејќи уште старите Римјани кажале дека Iustitia caret iniuria (Во правдата нема неправда), а ние како македонски народ досега доживеавме вековни неправди и до ден денешен се соочуваме со истите пречки што цивилизацискиот напредок го ставаат под знак прашање. Замислете, по речиси еден век од Вилсоновиот принцип за самоопределување на народите, ние треба некому да му докажуваме дали постоиме или не, тоа е не само нечуено, туку и надвор од секакво рационално објаснување! Токму затоа сметам дека нам како Македонци ни преостанува само да го поднесуваме овој притисок во безизлезната ситуација, која во моментов не може да се промени, и да не дозволиме ни надворешните ни внатрешните „добронамерници“ да нѐ разнебитат!
Притисокот од меѓународната заедница врз Македонија кулминираше во последен период, а сите пораки што доаѓаат од надвор, во кои се бара да покажеме конструктивност за да можат да ни помогнат, сега веќе не држат. Очекувате ли НАТО и ЕУ да ја променат реториката кон Македонија или и во иднина ќе продолжат да ја поддржуваат Грција во уцените?
ДОДОВСКА: Сите ни велат „бидете конструктивни“, „направете чекор“, „договорете се и веднаш ќе ви дозволиме да ни пристапите“, но во реалноста никој од овие добронамерни совети не може да се примени доколку и другата страна не го прифати фактот дека ќе мора да ја прифати стварноста во која постои македонскиот народ и македонската држава. Грција тоа не го прифаќа, за неа тоа е неприфатливо бидејќи во коренот не Македонија, ами токму таа е преплашена од можноста овој спор да се заврши. Па зар заборавивме дека моравме да го менуваме Уставот за на највисоко ниво да дадеме писмена гаранција дека немаме територијални претензии кон нашите соседи. Дури се откажавме и од заштитата на македонското национално малцинство само за да го смириме стравот кај Грците дека ќе си ги побараме нашите имоти во денешна Грција. Тие се соочени со можноста историската неправда и хуманиот геноцид што го извршија врз македонскиот народ да им се врати како бумеранг и да се разбие систематски градената хомогенизација на грчкото општество. Затоа се толку детински децидни и неумоливи. Во однос на евроатлантските структури, мораме да разбереме дека не се сите таму негативно настроени кон нас. Имаме и вистински пријатели меѓу нив, имаме и такви кои имаат свои интереси, но не се злонамерни. Но, полноправното членство на Грција во овие инстанци ја ставаат Македонија во многу нерамноправна положба бидејќи ние сме пред прагот и чекаме да ни ја отворат вратата и да нѐ примат на забавата, а Грција одамна е од другата страна и е мошне добро прифатена во меѓународното друштво.
АХМЕТИ Е „ПЛАН Б“ ЗА ПРИТИСОК ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО
Зошто македонските политички партии сѐ уште не се способни да договорат национален консензус за нашите црвени линии и јавно да ги соопштат?
ДОДОВСКА: Македонските политички партии се изразито поларни, постојат два крупни столба во десницата и во левицата и малите сателити партии што кружат во зависност од интересот и од ситуацијата меѓу нив. Тоа го знаеме, и оттаму, поставени во таква позиција, двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се во постојана битка за изборен резултат. Во недостиг на други аргументи, а особено во последниве седум години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на чело на државата, за СДСМ стана речиси невозможно да понуди некакви добри аргументи со кои би ја повратил власта бидејќи ги потроши во повеќе од едната деценија кога владееше, па единственото нешто што му преостанува е постојано да инсистира за евроатлантската интеграција и да потфрла со некакви нејасни сигнали дека кога ќе се вратат на власт ќе го решат спорот за името на Република Македонија со Република Грција. Кога истиот спор ви станува главната цел со која ќе се решите да ги ловите гласовите, не е можно да застанете и заеднички да ги поставите стратегиските црвени линии бидејќи тогаш ќе мора сериозно да се намачите да најдете некој посилен атрибут со кој ќе излезете на политичкиот ринг и ќе ја побарате довербата од граѓаните на вашата држава!
Како ја коментирате иницијативата на ДУИ за активно учество во решавање на спорот за името? Гледате ли во нивните потези вистински интерес да ѝ се помогне на Македонија, или, пак, станува збор за дополнителен притисок врз коалицискиот партнер, во координација со Бугарија, Грција и со САД?
ДОДОВСКА: Иницијативата на ДУИ доаѓа во момент што е многу интересен за стратегиско анализирање. Имено, по завршувањето на локалните избори во Република Македонија одненадеж излегува лидерот на ДУИ, Али Ахмети и се понудува да посредува за брзо решавање на наметнатиот спор за нашето уставно име?! Деновиве доживеавме уште една ваква иницијатива од страна на градоначалникот од истата партија, Изет Меџити, кој изјави дека за нив како политичка опција е прифатлива промената на уставното име на Република Македонија во Горна Македонија. Сметам дека Албанците во Република Македонија ги добија сите права што може да ги има еден малцински народ, дури и повеќе бидејќи чепнаа и засегнаа во унитарноста на македонската држава. Во овој поглед нивните стратегиски чекори во координација со меѓународниот фактор, а особено и по создавањето на новиот државен ентитет Косово, оди во насока на евроинтегрирањето, преку кое тие ќе го реализираат сопствениот модус вивенди за обединување на сите Албанци во широкото европско семејство. Оттаму, за нив не е никаков проблем како ќе се нарекуваме бидејќи Македонија не им претставува никаков императив, ами само уште едно парче во мозаикот на нивната големоалбанска мисија. Не сум директно запознаена, но претпоставувам дека е можно токму Ахмети како партнер во Владата да е среќно избраната личност преку која нашите соседи и претставниците на меѓународната заедница се обидуваат да извршат притисок со кој ќе се изврши промената на нашето уставно име. Евидентно е за нив, во секој поглед, дека ни премиерот Никола Груевски, а ни претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, некогаш ќе се согласат на своја рака да донесат таква понижувачка одлука за сопствениот народ. Затоа, Ахмети и ДУИ се сега, така да кажам, планот Б, преку кој се врши притисокот за промена на името.
Можеме ли да се извлечеме од оваа пат-позиција без да им нанесеме непоправлива штета на нашиот идентитет и на нашата историја?
ДОДОВСКА: Надежта последна умира! Знаете, не постои решение без извесни отстапки, тоа ни е на сите јасно. Но, исто така, во моментов не гледам како би можело да се изведе тоа за да ја смириме страста на Грција, а истовремено да опстоиме и да не дозволиме да нѐ избришат. Ова е македонскиот јазол, кој има два начина да се отпетла, или со стоицизам и упорност или со силно пресекување насреде. Но, треба да имаме на ум една работа, дека откако ќе решиме што сакаме да направиме, нема да има враќање назад, а нам, како народ, освен што сме одговорни за заветот на крвта што ја пролеаја нашите предци за слободна Македонија, ни стои и одговорноста кон нашите идни поколенија, кои ќе треба да се гордеат со нас, а не да ги доведеме во ситуација да се срамат. Така треба да размислува секој Македонец, не само за својот личен интерес, туку и за интересот на целиот народ зашто меѓународните сојузи, алијанси и клубови постоеле, дејствувале и згаснувале, но ако направиме уште еден крупен чекор наназад во однос на својата државност и идентитет, сметам дека засекогаш ќе го загубиме правото да се сметаме и истовремено и другите да нѐ сметаат за сериозни.
Вашето поле на работа се одвива на меѓата на политичката историја и на геополитиката. Како политиколог и историчар, кои се вашите погледи во однос на развојните програми во областите со кои се занимавате. На што работите во моментов?
ДОДОВСКА: Македонското образование веќе не се разликува од образованието во Западна Европа. Преку систематското преобразување и усовршување сметам дека денес високото образование во Република Македонија има поголеми шанси да продуцира подготвени и соодветни кадри што имаат потенцијал да преземаат одговорност и успешно да напредуваат. Ова, пред сѐ, го кажувам во име на нашиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ бидејќи тоа е мојата матична институција и во неговата работа сум директно инволвирана и запознаена повеќе од десет години. Не верувам во достигнати врвови и секогаш сметам дека образовниот процес мора да има постојана динамика на движење преку која бесконечно ќе се унапредува. Во моментов заедно со група млади ентузијасти, кои се на вториот циклус на студиите на политички науки, работам на еден многу интересен проект за фундаментализмот и наскоро очекувам и пошироката јавност да ги види резултатите до кои дојдовме сите заедно. Во оваа фаза можам да ви кажам дека очекувам многу од заедничката работа и истовремено верувам дека со овој пионерски труд ќе отвориме нови димензии на политиколошката наука во Југоисточна Европа.
Можете ли да ни кажете нешто подетално во врска со причините поради кои работите на оваа тема?
ДОДОВСКА: Евидентно е дека ние на Балканот сме сѐ уште зацементирани во минатото и некако тешко ни доаѓа да разбереме дека светот се соочува со сосема поинаков тип на предизвици од тие што ни беа досега познати. Особено што во ерата на индустриски технологии и на глобализациски општествено-економски промени, една од основните придобивки на развиеното општество е, секако, секуларноста. Оваа општествена придобивка во голема мера влијаеше во изминативе две столетија како на унапредувањето на човековите права, така и на отворањето на можностите индивидуите да се развиваат и со тоа да придонесуваат кон подобрувањето на условите за живеење. Но, од друга страна, станува сѐ појасно дека овие сфаќања за, наводно, секуларната ера со која владеат разумот и технологијата, се сѐ понејасни наспроти растечкиот тренд на надмоќната сила што се појави во секоја од големите светски религии, а ние ја препознаваме како фундаментализам. Тоа е центарот на истражување на кој работиме и за кој се залагаме и научно да биде третиран бидејќи е исклучително актуелен и допрва светот ќе ги почувствува ефектите од неговото постојано дејствување.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со професорката Иванка Додовска беше објавено во 48. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!