| четврток, 6 декември 2018 |

Словенија ги распродава своите фирми

telekom

Словенечката влада решила да ги продаде државните фирми за да ја стабилиза економијата и да ги врати долговите.

Главна тема на Владата на Словенија е распродажбата на фирмите со голем удел на општествен капитал, пренесува „Новости“. Државата почнала да ги продава десетиците компании во кои има мнозински удел за да може да ги среди финансиите и да застане на нозе.

Словенечката влада решила веднаш да продаде 15 државни фирми за да ја стабилизира економијата и да ги врати долговите. Така, компаниите како Адрија ервејз, Елан, Палома, Хелиос и Телеком Словенија би можеле да добијат нови газди. На списокот за продажба се и Аеродром Љубљана, Техника, Нова кредитна банка Марибор, Цинкарна Целје, Господарско разставишче, Терме, Олимија, Униор и Фотон.

Потоа, веќе во септември ќе бидат распишани конкурси за продажба на компанијата Раденска, како и новинско-издавачките куќи Дело и Вечер, кои се во мнозинска сопственост на Пивоварна Лашко. Групацијата Пивоварна Лашко со банките доверители се договорила за репрограмирање на заемите во вредност од 350 милиони евра и со продажбата на овие фирми планира да ги среди своите долгови.

За таа цел Лашко ќе се откаже и од своето учество во косовската пивара Бира Пеја. Како што тврдат од групацијата, целта е овие претпријатија да им се продадат на општествено одговорни стратешки партнери, кои ќе се грижат за работните места, растот и развојот, како и зачувувањето на трговските марки.

Групацијата Пивоварна Лашко, во која влегуваат Пивоварна Унион и Раденска, годинава остварила приход од 76 милиони евра и 11,4 милиони евра профит, што е за еден милион евра повеќе од лани.

Со продажбата на делот во Меркатор од околу 24 отсто, пиварницата би заработила дополнителни 105 милиони евра и до април следната година, кога истекува договорот со банките за репрограмирање на долгот, би ја одржала солвентноста, пишува „Новости“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top