| четврток, 6 декември 2018 |

Паѓаат цените на автомобилите

avtomobili

Многу произведувачи ги привлекуваат купувачите спуштајќи ги цените, така што, всушност, губат пари за да продадат некое ново возило

Во борба за купувачи во Европа, многу произведувачи на автомобили се присилени во последно време да ги продаваат возилата под цена. Сепак, полека минува овој тренд, оти и затворањето на фабриките покажува резултати.

Бројот на продадени автомобили во Европа минатата година падна на најниско ниво во последните 17 години, а и во првата половина на годинава продажбата и натаму опаѓа. Многу произведувачи ги привлекуваат купувачите спуштајќи ги цените, така што, всушност, губат пари за да продадат некое ново возило.

Тоа, се разбира, никогаш не се однесуваше на автомобилските концерни што произведуваат за оние на кои цената не им е важна. На чело на таа група е „Порше“. На овој угледен германски производител на спортски автомобили во просек за секој продаден автомобил му остануваат 16.590 евра – и тоа пред плаќање на данокот и останатите придонеси.

Според пресметката до која дојдоа стручњаците од Центарот за истражување на автомобилската индустрија – ЦАР, Универзитетот во Дуизбург, на второ место е марката на ФИАТ – „Ферари-Масерати“, на која и’ остануваат 15.000 евра за секој автомобил кои ги напушта салоните. Следува и „германското трио“ на производители на луксузни автомобили. Најмногу заработува „Ауди“, 3.821 евро, следува БМВ со 3.495 евра, а дури потоа доаѓа „Мерцедес“, кај кој кога ќе се собере колку чини сето она што има во автомобилот, остануваат „само“ уште 2.012 евра добивка.

Всушност многу поинтересно е што се случува на другата страна на автомобилската индустрија. Некои производители, како што е, на пример, францускиот „Рено“, и натаму тонат се’ подлабоко и подлабоко. Во првата половина од 2013 година, „Рено“ за секој автомобил му „подарил“ 457 евра на купувачот, додека минатата година беа 241 евро. Многу производители кои губеа пари продавајќи автомобили сфатија дека така не може понатаму. Дури и францускиот производител „Пежо-Ситроен“ ја намали загубата од 510 на 349 евра и кај него како и кај многу други причината е многу едноставна – затворање на фабриките и намалување на производството.

Затоа „Пежо“ ја затвори фабриката недалеку од Париз, а и билансот на „Опел“ по одлуката за затворање на фабриката во Бохум се подобри од 834 евра загуба на „само“ 414 евра, по секој продаден автомобил, пишува Дојче Веле

Слично е и со „Форд“, поточно неговиот европски разгранок. Имено, во светски рамки „Форд“ и натаму по автомобил заработува 717 евра, а загубите во Европа почнаа да се „топат“ по затворање на фабрики во Белгија и во Велика Британија. Во првата половина годинава тој изнесува 843 евра по автомобил, додека изминатата година изнесуваше 967 евра загуба по автомобил.

Сепак, затворањето на фабриките не е единствениот начин за намалување на загубата и тоа се гледа по рекордерот во процесот на закрепнување, италијанскиот ФИАТ. Овој автоконцерн ја преполови загубата. Од 384 евра минатата година на само 130 евра по продаден автомобил годинава. И ФИАТ се одлучи да ја напушти марката „Ланчија“, но многу поважно беше неговото враќање во секторот на мали економични автомобили, во кој тој се чувствува како „дома“.

Маркетингот и позиционирањето на пазарот се пресудни за преживување на производителите на автомобили – и тоа најдобро го покажуваат производителите од Далечен Исток. Имено, и производителот на масовни возила, јапонска „Тојота“, одлично заработуваат на своите автомобили – 1.801 евро по возило. Полошо не стојат ниту Корејците „Хјундаи“ со 1.027 евра и „Кија“ со 911 евра, што е, секако, подобро отколку во случајот со „Фолксваген“, 629 евра, додека „Шкода“ заработува 671 евро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top