| четврток, 6 декември 2018 |

Фондот за здраство директно ќе ги дели електронските здраствени картички

zdravstvena karticka

Фирмите што имат повеќе од 100 вработени ќе ги добиваат електронските здравствени картички преку директна дистрибуција од Фондот за здравствено осигурување со што осигурениците вработени во тие фирми не ќе мора да ги подигаат од матичните лекари. Оваа новина во дистрибуцијата на картичките се воведува со цел да се забрза процесот и да можат што поскоро осигурениците да ги користат здравствените услуги, особено по воведувањето на новиот здравствен систем „Мој термин“ со кој рецептите и специјалистичките упати се добиваат преку здравствената картичка.

Како што рече директорот на Фондот, Јован Грповски, во првиот бран е предвидено да се посетат 110 фирми, а етапно со изработување на картичките тие ќе се испорачуваат по фирмите каде што вработените сè уште не ја добиле здравствената картичка.

Пријавените, пак, во Агенцијата за вработување, со истата цел за забрзување на процесот, ќе ги добиваат картичките преку Агенцијата при следното пријавување на шалтерите.

– На сите тие што се приматели на парична помош и кои имаат обврска еднаш месечно да се јават во просториите на Агенцијата, картичките ќе им бидат дистрибуирани таму и ќе можат да ги подигнат. Сите тие што сè уште не аплицирале за оваа услуга, ќе можат да аплицираат таму, а Агенцијата ќе ни ги достави информациите за да ги процесуираме – изјави Грповски.

Во оваа група припаѓаат околу 25.000 осигуреници, кои можат своите картички да ги подигнат преку Агенцијата.

Тие што имаат уплатено за електронска картичка, додава Грпковски, сè уште останува можноста истата да ја подигнат кај своите матични лекари. Пензионерите, пак, што се повозрасни од 70 години, преку дежурните телефони можат да побарааткартичката да им се достави дома.

Од ФЗО информираат дека во моментов околу 615.000 граѓани ја добиле својата електронска картичка, 360.000 картички се изработени и треба да се дистрибуираат. 380.000 картички се во процес на изработка во фирмата што ги подготвува, а 110.000 барања се во процес на изработка во Фондот. Вкупно се обработени 1.465.000 барања за картичка.

Остануваат уште 200.000 до 300.000 граѓани, кои треба да поднесат барање за електронска картичка. Во оваа бројка спаѓаат пензионери, вработени во приватни претпријатија, додека мал дел се вработени во јавна администрација.

Електронската картичка е основен сегмент од новиот компјутеризиран здравствен систем во кој рецептите се креираат по електронски пат со што лековите се издаваат преку системот, а прегледите кај специјалистите се закажуваат со електронски упат за што е неопходна здравствената картичка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top