| четврток, 6 декември 2018 |

Комплетна реприза во Мелбурн, по Азаренка и Ѓоковиќ ја одбрани титулата

Новак Ѓоковиќ ја одбрани титулата во Мелбурн и стана единствениот тенисер со хет-трик во историјата на опен ерата на Австралискиот гренд слем. Во финалето, денеска, српскиот тенисер беше подобар од Енди Мареј и славеше со 6-7, 7-6, 6-3, 6-2.

Ваквиот расплет на настаните носи реприза од ланското издание на првиот гренд слем во сезоната, бидејќи вчера и Викторија Азаренка ја одбрани титулата. Белорусинката беше подобра од Ли На во финалето во три сета.

За Ѓоковиќ кој одигра извонреден меч, ова е шеста гренд слем титула во кариерата, а неговата трета титула во серија ја поздравија 25 илјади гледачи на „Род Лејвер“ арената.

Неговиот противник во финалето, Мареј не успеа да стане првиот тенисер што веднаш во првиот обид по дебитанската гренд слем титула, освоил уште една. Шкотот победи на САД опен, лани во септември, а Австралија опен му беше следен предизвик.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top