Во меѓународниот интернет простор Македонија треба да се претставува со кириличниот домен мкд. Тоа е изборот на граѓаните кои гласаа во интернет анкетата објавена на веб стрната на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.
Гласањето траеше до 15 јануари 2013 година. Во анкетата имаше повеќе предлози меѓу кои и мкд, мак, рм, македонија, рмак и рмкд. Вкупно својот глас преку интернет анкета го дадоа 2.288 граѓани, од кои за кириличниот домен мкд гласаа 72,98 отсто од нив.
Предложената низа која освои најголем број гласови (мкд), ќе биде ставена во официјалното барање за започнување на процесот за добивање на врвниот кириличен домен за Република Македонија, кое ќе биде поднесено до Интернет корпорацијата за доделување имиња и броеви (ИЦАНН).
„Националниот кириличен домен ќе им овозможи на македонските граѓани да го користат интернетот на своето македонско кирилично писмо, што истовремено претставува и грижа за зачувување на националниот идентитет преку користење на домени на својот мајчин јазик“, пишува во соопштението од Министерството за информатичко општество и администрација
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.