Иако изгледа дека немаат ништо заедничко,тачеризмот и панк-рокот, всушност, се залагаат за истите работи, не сакаат да биде ништо како што било дотогаш. Тачер да ги урне мрачните сили зад „железната завеса” ,а Страмер да го урне конзервативниот и профитабилен капитализам што надоаѓаше. Една од најконтроверзните политичарки на 20 век, која од Советите го доби прекарот Челична дама, доаѓа на власт во 1979 година и со својата Конзервативна партија ќе укине многу социјални придобивки, ќе направи интервенции во фискалната политика и комплетно ќе го заостри јазот меѓу богатите и сиромашните, со еден збор: крај на социјалната држава. Тачеризмот станува олицетворение на традиционалната капиталистичка, профитна идеологија. Заедно со Реган, својот најголем сојузник, ќе направи сè за Советскиот Сојуз да падне на колена. Фантастична состојба за рок-музиката да блесне со целиот свој сјај. Панк-рокот се раѓа, пред сè, како реакција на алчноста на дискографската индустрија, помпезноста на прогресивниот рок, слатката поп-продукција и на ужасните социјални околности во веќе паднатата империја Велика Британија. Панкерите се залагаа за идеја, енергија и за своја естетика, многу поинаква од општествено прифатливата. За разлика од првиот бран на панкот, кој анархијата ја сфаќаше како целосен хаос, со појавата на „Клеш“ веќе се гледа едно зрело разбирање на анархизмот, во прв ред, како борба против секој вид репресија и воспоставување нова хумана идеологија, со еден збор: враќање на социјалната држава.
Нивната исклучителна музика и страсниот левоориентиран идеализам на Страмер беше во целосен контраст со конзервативците на Тачер. Политички ангажиран, левичар, антирасист, кој својот албум од 1980 година го нарекува „Сандиниста“, според левичарското герилско движење во Никарагва. „Луѓето мораат да бидат подобри, / Светот станува хорор, / Светот не смее да биде толку лош, / едноставно не смее“, пееше Страмер во своите песни.
Во 1976 година се запознава со Мајк Џонс и така настанува „Клеш“, групата го има првиот поголем настап како предгрупа на „Секс пистолс“, по што потпишуваат договор со „Си-Би-Ес“ (CBS). Во својата десетгодишна кариера издаваат шест албума и стануваат мегапопуларни од двете страни на Атлантикот. Умира ненадејно на 50-годишна возраст од срцева слабост.
Страмер беше гласноговорник на антитачеризмот, беше синоним на новото време, на тие што почнаа да го презираат општеството, неговата крутост и хипокризија. Неговите стихови полни со бес, идеализам и повик за правда и за единство сè уште одекнуваат со својата енергија и прогресивност. Неговите идеи одекнаа и на овие простори, како почеток на демократизацијата на поранешната држава Југославија. Изврши влијание врз:„Азра“, „Панкрти“, „Лет 3“, „Шарло Акробата“, „Идоли“, „Лајбах“, „Мизар“, „Падот на Византија“, „Електрични оргазам“, „Филм“…
И двајцата денес имаат свои фондации ,кои поддржуваат проекти од образованието и од културата. Фондацијата на Страмер ја води неговата сопруга, Лусинда.
(објавено во 16. број на неделникот „Република“, 21.12.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.