Покрај националниот празник Илинден, во Охрид минатиот викенд се славеше уште еден голем настан. 56 „полуматуранти“ од генерацијата 1948/49 година од ОУ „Григор Прличев“ организираа прослава по повод 50-годишнина од полуматура. Некогашните соученици, денеска претежно пензиoнери од повеќе краеви на светот, на едно место ги споија избледените спомени и потиснатите емоции од детството, пишува Охрид њуз.
Главниот „виновник“ за оваа дружба е иселеникот Цано Сталески, кој заедно со Љупчо Паункоски, Крсте Наумоски, Никола Георгиев и Ружди Муфти се погрижија некогашните школски другари да ги споделат своите животни приказни крај брегот на езерото.
– Идејата е стара веќе две години. Со братот на мојата сопруга, со кого живееме во САД, се договоривме да ја собереме целата наша генерација. Оваа година пристигнав во Македонија и направив 70 фотографии од училишните денови и ги споделив со некогашните соученици. Сѐ почна кога на Ружди му подарив слика стара 50 години. Одлучивме да се собереме, а во организацискиот одбор се вклучија Љупчо, Ружди, Крсте и Никола – вели Цано Сталески.
– Тоа беше трогателна, емоционална средба. Не постојат зборови со кои може да се опише чувството. Лично, не можев да ги сопрам емоциите. Се сретнав со другари кои не сум ги видел цели 50 години. Со некои не се познававме, иако често се среќаваме во Охрид. Верувам дека отсега натаму сите ќе контактираме и ќе се гледаме. Се надевам дека ќе имаме едно репризно издание за некоја година, а жал ми е за десетина наши сограѓани, кои ја пропуштија шансата да го почувствуваат ова. Можеби кога ќе ги видат сликите и снимките, ќе зажалат. Но затоа имаат поправен испит во идниот период – вели Љупчо Паункоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.